Удар

ЛЕЈЛА САБИТ

Времето на удари продолжува. И тука и во светот.

Низок, контра, топлотен, струен, мозочен, срцев, зад грб, пред ваши очи, без срам, мал, голем, жесток, очекуван, како гром од ведро небо, како последица или предупредување, за тие што знаат да слушаат, да чувствуваат и што имаат етика.

Може да ве заболи, да ве стресе, да имате главоболки, мачнина, да немате сон, животот да ви се смени наопаку, да пиете лекарства, да побарате помош или одмор.

Од ударите може да ви остане лузна, на телото или во душата, да размислите кај сте, со кој сте, кој ви е пријател, а кој непријател, дали сè да отерате по ѓаволите или да продолжите со крената глава, да си кажете во себе утре е нов ден, во оваа земја, или во туѓа земја.

Ударите или ќе ве направат подобар човек или ѕвер, ќе се навикнете или ќе размислувате за одмазда, ќе го смените начинот на живот или ќе ги намалите обврските, ќе размислувате позитивно, или постојано во вас ќе тлее гнев.

Нестабилна клима, нестабилно работно место, иако има сонце, мора да носите чадор, парите се трошат вака или онака, моќта брзо се заменува со тужба, аплаузите со свирежи, ако не си функционер, можеш да бидеш советник, големите чекори ги покриваат ситните утки, велат во Македонија секое чудо за три дена!

Ударите цел живот ги примаме од познати и непознати или ги задаваме, на познати и непознати, подмолно, спортски или џентлеменски, во гладијаторска, музичка или политичка арена, зашто поголема ни е суетата од моралот, а карактерот од принципите.

Тука и во светот, секогаш ќе има за или против, уа или браво, мешање баби и жаби, врски, протекции, непотизам, завист, љубомора, демонстрирање на моќ и фалење со богатство и брак, а криење на офшор-сметки и развод.

Доброто за некого е лошо, убавото за некого е грдо, вистината за некого е лага, успехот некој го прима за пораз, сè е релативно, дури и мојот „удар“ за некого е галење.

Кој рече дека животот, а и сеирот се лесни?!