Турски ѓубреџии од фрлени книги направиле библиотека

Градската комунална хигиена во Анкара има своја библиотека, а сите книги ги собрале вработените во фирмата од контејнери низ градот.

– Требало да завршат на отпад, а ние им подаривме нов живот, изјави Емирали Уртекин, управник на библиотеката.

Идејата се родила додека со колегите размислувал за тоа што што би можеле да работат покрај редовната работа. Така основале и музичка група, чии членови свират на канти за отпад фрлени во старо железо.

– Читањето е добро за мозокот и ве наведува на нови идеи, изјави 20-годишниот Ерај Јилмаз, кој на читателите им издава книги.

Денеска библиотеката има 4.700 книги, а уште 1.500 чекаат свое место на полица.

Проектот го почнале пред седум месеци, а книгите се поделени по сектори: од љубовни романи, преку детски книги, па се до економски советници. Во почетокот библиотеката ја користеле само 700 вработени во градската хигиена од областа Џанкаја, но сега е отворена за сите и работи 24 часа дневно.

Во неодамна реновираната фабричка зграда има библиотека, кафетерија и берберница, па така станала омилено место за одмор на вработените во градската хигиена. За време на пауза можат да читаат, да испијат чај или да играат шах. Сите книги се изнајмуваат бесплатно, најдолго на две недели.

Се планира и подвижна библиотека, со која секои 15 дена ќе ги посетуваат училиштата. Досега им се јавиле голем број деца чии училишта немаат бибилиотека или изборот на книги е мал.

Многу сме задоволни. Проектот ни даде нов идентитет, истакна Уртекин.