Топ-моделот во Македонија: Летисја Каста ќе снима филм во Битола
Француската манекенка и актерка Лeтисја Каста ќе снима филм во околината на Битола. Од петок до 24 август во неколку битолски села ќе се снима швајцарско-францускиот „Зад хоризонтот“ (Le Milieu de l’horizon) на режисерката Делфин Леерисе.
Каста како врвна манекенка со години ги краси насловните страници на светските модни списанија. Има снимено повеќе од 20 играни филма, меѓу кои: „Гензбур“, „Астерикс и Обеликс“, „Утрата што пеат“, „Французинки“, „Зад ѕидовите“. Светот ја знае и како модел на „Викторијас сикрет“.
Македонија не е копродуцент во филмот, но ги нуди услугите за снимање. Продуцентите Box productions од Швајцарија и Entre chien et loup од Франција ќе ги користат поволностите од Законот за филмска дејност, во делот на поврат на финансиски средства кои не се обезбедени од Буџетот на Република Македонија.
Носител на филмскиот сервис е „Кино око“ од Скопје. Продуцентот Роберт Насков вели дека овие копродуценти ќе можат да повратат 20 отсто од сумата што ќе ја вложат за т.н. квалификувани трошоци. Филмот е поддржан од „Еуримаж“.