Топол дом и стил на облекување: Екокрзното е хит
САД – Екокрзно. Со децении овој термин претставуваше слика за нешто што е очигледно вештачко. Неговата слабост често беше стилска карактеристика, „забавното крзно“ имаше толку претерани бои и шари што секогаш беше јасно дека доаѓа од фабрика, а не од шума. Сепак, иако изгледот понекогаш можеше да прелаже дека крзното е вистинско, допирот ја кажуваше вистината. Екокрзното изгледаше грубо и како пластично. Денес, ековерзиите се зачудувачки реални.
Бундичките од вештачко крзно се тренд за оваа сезона, но крзненцето може да го носиме и како моден детаљ. Може да го носиме како „шалче“ само околу вратот, како намерно „парче“ од ракавите, закачено околу чантата или само префрлено околу рамото. Инспирирајте се од уличната мода, за да останете во чекор со трендот – вештачко крзно, без да имате крзнена бундичка.
Во уредувањето на домот оваа сезона екокрзното е дел од перниците, прекривките и столовите. Тие даваат изглед на драма и удобност, што не е резултат на суровост. Декораторката Бет Кушник има своја линија на декоративни додатоци и таа сака да користи прекривки и перници од екокрзно како текстура.
„Најдобро е да ги имате во иста палета бои како каучот и така се создава уште еден слој“, вели таа.
Луксузниот италијански бренд „Гучи“ нема повеќе да користи вистинско крзно од животни во своите колекции, почнувајќи од колекцијата пролет-лето 2018, најави управата. Со овој потег „Гучи“ им се придружи на останатите луксузни модни брендови кои му кажаа „не“ на крзното: Армани, Ралф Лорен, Томи Хилфигер, Хуго Бос и Стела Мекартни. Во Германија се затвораат сите фирми што произведуваат крзно. По масовните протести и петиции што пристигнуваа од организацијата за заштита на правата на животните, ПЕТА, во Германија вистинското крзно се забрани. Законот стапи во сила пред пет месеци, а сите фирми што произведуваат крзно треба да бидат затворени до 2020 година.