Тевдовски: 2019 ќе биде година во која ќе растат платите

Следната година ќе биде година во која ќе растат платите, бројот на работните места и инвестициите. Ако 2018 година беше година на крупни реформи и поставување на темелите за еден подобар економски систем, 2019 треба да биде година во која веќе посериозно треба да се почуствуваат ефектите од овие реформi, вели во интервју за МИА министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тевдовски наведува дека во 2018 година се направени системски решенија што ќе придонесат за намалување на дефицитот во ПИОМ, фискална консолидација, воведување гарантиран минимален приход, но и отплата на наследените обврски.
На почетоков на годината истакнавте дека 2018 година ќе биде добра за македонската економија. Стоите ли на оваа изјава, сега веќе кога се гледа крајот на годината?
– Раст на платите, отворање нови работни места, поддршка на претпријатијата, одговорно управување со јавните финансии – се целите што сакаме да ги постигнеме. Ако ги погледнеме сите овие параметри во 2018 година, можеме да кажеме дека годинава беше добра за македонската економија.
Согласно последните податоци на Државниот завод за статистика, од почетокот на годината просечната плата е повисока за 5,7 отсто. Она што е особено важно е што има двоцифрен раст во секторите со најниски плати (текстил, облека и кожа). Невработеноста е намалена на 20,8 отсто и е најниска досега. Отворени се 14.239 нови работни места, согласно последните податоци на статистика. После подолг период се враќа довербата на инвеститорите. Првите девет месеци странските директни инвестиции достигнаа 316 милиони евра, што е значително повисоко од вкупниот годишен износ минатата година. Извозот е за 16 отсто повисок во однос на лани. Расте индустријата, но и услужниот сектор. Второто и третото тримесечје имаме солидни остварувања на бруто-домашниот производ, а истото го очекуваме и за последното тримесечје годинава