Тевдовски: Со ребалансот на Буџетот ќе се подобрува финансиската состојба на општините

Ребалансот на Буџетот ќе обезбеди поддршка за 51 процент од пријавените, а неплатени обврски на општините. Три милијарди денари се проектирани за училиштата, градинките, културните домови и другите институции што се во надлежност на локалните самоуправи, соопшти денеска министерот за финансии Драган Тевдпвски.

Како што истакна Тевдовски на прес-конференција во Владата на која учествуваат и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, како и градоначалниците на општините Битола, Тетово и Гевгелија, Наташа Петровска, Теута Арифи и Сашо Поцков, освен што со ребалансот на Буџетот ќе им се помогне на општините да ја подобрат финансиската состојба, ќе се овозможи и воспоставување механизам за проблемот со задолжувањето веќе да не се повторува, ќе се вбризга ликивдност кај фирмите и ќе се направи простор за нови проекти.

Општините, напомена Тевдовски, ќе може да ги проектираат сопствените приходи на основниот буџет со најмногу 10 отсто раст од просечната реализација во последните три години.

-Долговите од 5,1 милијарда денари за една година се намалени на 1,5 милијарди и сега институциите може нормално да функционираат. Главна причина за неплатените обврски досега беше нереалното проектирање на буџетите на општините. Се креирале огромни буџети и се преземале обврски кои потоа не можеле да се платат. Сега воведуваме механизам со кој ова ќе се спречи. Ќе ставиме ред за проблемот да се реши, но и за да се превенира во иднина, напомена министерот.

Ребалансот на Буџетот помина на владина седница и утре влегува на комисика расправа во Собранието.