Тачи: Гласањето „за“ е најголем патриотизам
Излезете масовно на претстојниот референдум и гласајте „за“, тоа е најголемиот патриотизам што можете да го покажете. Постигнатиот договор со Грција за името е најправичната одлука, затоа што иднината и на Косово, и на Македонија и на целиот регион е во ЕУ и НАТО.
Оваа мотивирачка порака до македонската јавност претседателот на Косово, Хашим Тачи – со својот скромен авторитет, како што самиот рече – ја упати по вчерашната средба со премиерот Зоран Заев, нагласувајќи притоа дека „ова е историски момент кој треба да го зграпчите“.
Отворениот повик за позитивно изјаснување на референдумот за Тачи не претставува мешање во внатрешните работи на државата туку, како што рече, почит кон храброто позиционирање на земјата на евроинтегративниот пат и добронамерен совет.
„Тука сме да си помагаме во вака важни моменти, и за вашата земја и за регионот воопшто. Секоја идеја што ги унапредува регионалните процеси треба да се поздрави“, рече Тачи, најавувајќи дека и евентуалното решение кое треба да произлезе од дијалогот меѓу Косово и Србија, исто така, ќе биде заокружено со референдумско изјаснување.
„Граѓаните на Косово на крајот ќе одлучат за конечниот договор за реципрочно признавање. Ве уверувам дека ќе излезат во огромен број. Тие тоа едвај го чекаат“, порача Тачи кој во Скопје беше придружуван од шефот на дипломатијата Беџет Пацоли.
Кризата во преговорите меѓу Косово и Србија, како и одредените протежирања на идеите за поделби и размени на територии, го растресоа регионот во изминатиот период. Тачи, сепак, смирува и уверува дека Македонија може да се чувствува комотно.
Со решението на спорот, кое ќе биде донесено во координација со САД и ЕУ, вели, ќе се сочува мултиетничноста на земјата, која бара влез во европското семејство кое не сака земји со отворени конфликти. Она што ќе мора да се направи е демаркација на 430 километри граничен појас со Србија.
„Кога бев премиер, првата земја со која направивме демаркација беше Македонија. Без дијалог нема решение. Ќе биде тешко, постојат многу бариери, но оптимист сум. Немаме право да ја држиме во заложништво иднината на граѓаните. Ќе ги вложам сите напори за да дојдеме до решение. Одлуката ве уверувам дека нема да ги минира односите со Македонија ниту, пак, со другите соседи. Косово го почитува територијалниот интегритет на Македонија“, нагласи Тачи.
Македонија, пак, го поддржува позитивното решение меѓу Косово и Србија, кое како што рече премиерот Заев, ќе ја унапреди благосостојбата на Албанците, Србите и другите граѓани на Косово.
„Решение што ги зајакнува мирот, безбедноста и просперитетот на Косово, Србија и целиот регион. Многу е важно лидерите во регионот да бидат обединети во исти цели: одржлив мир, економски развој, регионална соработка и членство во ЕУ“, рече Заев, повторувајќи ја практично истата порака која ја испрати и по неодамнешната средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Претседателот на Косово пред да допатува во Скопје имаше средби со претседателите на Албанија и Црна Гора, Илир Мета и Мило Ѓукановиќ, како дел од намерата да ги запознае соседите со резултатите од дијалогот меѓу Приштина и Белград. Освен со премиерот Заев, вчера во Собранието тој се сретна и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со кого исто така се согласиле, како што соопштија од ДУИ, дека Албанците и воопшто сите граѓани во земјава треба да гласаат за НАТО и ЕУ и дека е време за целосна интеграција на Југоисточна Европа во овие структури.
Сепак, наспроти политичката логика, на неговата агенда беше изоставен колегата по функција – претседателот Ѓорге Иванов, кој беше заобиколен и од неколку светски политичари кои деновиве ја посетија земјата, вклучувајќи ја и канцеларката Ангела Меркел.
„Ја почитувам во целост мојата агенда“, рече Тачи, одбивајќи притоа да даде директен одговор на новинарско прашање зошто нема средба со Иванов. Се среќавал и соработувал, вели во тој контекст, со сите власти во Македонија, нагласувајќи притоа дека „односите не треба да се основаат на политички шеми, туку на заеднички интереси“. „Јас не сум денес во Скопје да заземам страна“, порача Тачи.
Позитивните и конструктивни билатерални односи меѓу Македонија и Косово и соработката на сите нивоа и натаму ќе се унапредуваат. Таква можност се отвора со инфраструктурното поврзување, со изградбата на делницата на автопатот Блаце-Скопје, со што ќе се интензивира економската соработка и ќе се зголеми обемот на трговијата. Ќе се воспостави и мешовит комитет за економска соработка, а ќе се гради и заедничка стратегија за подобра интеракција меѓу бизнис заедниците, како и за енергетско поврзување. „Косовскиот лигнит за македонските компании како заеднички проект е од особено значење. Ќе иницираме изградба на гасовод за Косово во рамките на Берлинскиот процес. Тоа е нашиот пристап во овој процес, отворен, конструктивен, искрен, без скриени агенди“, нагласи Заев.
Наум Котевски