Таравари: Ни Груевски не му правеше вака на Заев

Преку 200 вработени во гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“ се без здравствено осигурување откако општината мака мачи да им ги исплати месечните примања поради блокираниот буџет. Кавгите и несогласувањата на гостиварската политичка сцена кулминираа деновиве кога советниците во општината воопшто не добија шанса да гласаат за предвидениот буџет за 2018 година. Мнозинството во Советот, кој е предводен од СДСМ и од ДУИ, е на спротивна страна на градоначалникот Арбен Таравари, кој на ланските локални избори победи како кандидат на Алијансата за Албанците, поради што во неизвесност е доведено целокупното живеење на градот. Сега се прават последните очајнички обиди да се стигне до решение и за денеска во 16 часот е закажана уште една седница, бидејќи доколку нема договор до 31 март, Советот ќе биде распуштен, по што ќе се организираат нови избори за советници, но не и за градоначалник.

Не сум оптимист дека ќе има договор, затоа што советниците од владејачките партии се под страшни притисоци, заплашувања и закани од централите во Скопје и во Тетово“, вели градоначалникот Таравари.

Објаснува дека централната власт преку своите луѓе го блокира Гостивар на сите можни полиња. Општината нема ингеренции во областа на културата, а од неодамна одземени и се ингеренциите и во образованието, со што градоначалникот не смее да именува и разрешува директори на основни и средни училишта, а слични најави стигнуваат и во областа на трудот и социјалната политика.

Сѐ што можеа да блокираат – блокираа. Сакаат да уништат сѐ што не е со нив. Типичен пример на тиранија на еден нов режим. Предлог-буџетот на советниците им беше испратен на 20 декември лани, а за него првпат се дискутираше дури на 5 март годинава. Дури не се ни гласаше за него, иако инсистирав да дојде до изјаснување, па макар и негативен бил исходот. Не ни даваат да работиме, ја држат Општината во заложништво. Сакаме да отвориме нови четири градинки, да поделиме субвенции, да почнеме да ги плаќаме обврските… Наследив долг од 6,54 милиони евра во ЈП ‘Комуналец’, Градот е должен 3,5 милиони. Советниците од мнозинството не предлагаат свои проекти, идеи, планови, туку единствена цел им е да нѐ блокираат. Сакаат да ми се одмаздат што лани го победив нивниот кандидат Невзат Бејта“, вели Таравари за „Независен“.

Гостивар моментално е под привремено финансирање од Министерството за финансии. Пред неколку недели Таравари, кој беше министер за здравство по смената на власта во земјава, му испрати отворено писмо на премиерот Зоран Заев во кое го потсети дека заедно биле во битка против тандемот Груевски-Ахмети. Му посочува дека поради принудната коалиција со ДУИ, сега не го сакаат ниту Албанци, ниту Македонци, ниту Турци, алудирајќи на околу 100.000 жители на Гостивар, кои ги оставил без буџет.

Добив одговор од него. Ми вели дека писмото било емотивно напишано. Не, не сум емотивен, туку реален. Тој во три мандати беше градоначалник на Струмица, гарантирам дека Груевски од позиција на централна власт не му вршел толку опструкции и не му го правел тоа што сега ми го прави мене“, револтиран е Таравари.

Советот на Општина Гостивар има 31 советник, од кои девет се на ДУИ, седум на Алијансата за Албанците, четири на СДСМ, три на ВМРО-ДПМНЕ, три на турските партии, два на Преродба и еден претставник на ромската заедница. Вкупно 16 од нив ја подржуваат соработката меѓу СДСМ и ДУИ. На чело на советот е Насер Муслиу од партијата на Али Ахмети.

Моја работа е да ги почитувам деловникот и процедурата. На седницата на 5 март имаше 40 точки на дневниот ред, при што прва беше предлог-буџетот. Советниците од партиите што го сочинуваат мнозинството дадоа дополнителни предлози за буџетот, кои требаше да се стават на гласање и да се одлучува по нив. Но градоначалникот Таравари сакаше буџетот да се гласа без дополнителните предлози. Дојде до расправа, стана доцна, поради што морав да ја прекинам седницата. Нема ништо лично“, тврди Муслиу.

И Зоран Ангелов од СДСМ уверува дека не водат лична битка против Таравари, кому веднаш му честитале за победата на минатогодишните избори.

Таква беше волјата на гостиварци и ние го почитуваме тоа. Проблемот е во тоа што во ставката за привремени вработувања се предвидени 12 милиони денари. На став сме дека тоа се многу пари, дури и законски не смее да има толкав број вработувања. Подготвени сме на соработка, но сметаме дека тие средства треба да се пренаменат во други проекти“, вели Ангелов.

Буџетот на Гостивар за 2018 година е проектиран за 16,8 милиони евра, што е за 800.000 евра повеќе од оној за претходната година. Предвидено е две третини од буџетот да се наполнат од трансфери и од дотации, по што следуваат средства од даноци. Во однос на расходите, половина од парите би се потрошиле на плати и надоместоци, а една четвртина за капиталните инвестиции.

Први на удар од недонесувањето на буџетот се вработените во општинската администрација, јавните претпријатија и училиштата. Засега не може да функционира ниту жиро-сметката на Општината. Поради доцнење на декемвриската сметка, вработени во училиштата ја бојкотираа наставата.

Горан Адамовски