СЈО анализирало 85 проценти од прислушуваните материјали

Специјалното јавно обвинителство до денеска ја анализирало содржината на 515 572 аудио фајлови, односно во обработка се 85 отсто од вкупниот број на прислушувани разговори што беа доставени во таа институција, се наведува во шестмесечниот извештај на СЈО објавен денеска.

Изминатите 6 месеци СЈО отворило седум нови истражни постапки против вкупно 17 лица. Заведени биле и 136 нови предистражни предмети.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева во извештајот пишува дека и покрај многубројните укажувања од нејзина страна не беа обезбедени законски гаранции со кои би се регулирала положбата на СЈО.

Јанева потенцира дека и покрај активниот придонес и учество од СЈО, Собранието се уште не ги донесе Законот за заштита на укажувачи и Законот за заштита на приватноста, како и измените на Законот за заштита на сведоци.