Сцена

Лејла Сабит

Мала, голема, јавна или приватна, во Македонија секој ја игра својата улога на сцената на театарот, естрадата, политиката, бизнисот или животот.

Побргу ќе ви направат сцена или драма дома или на работа, отколку да видите нешто ново на сцена, или новонапишана драма во културните институции.

Сите се големи автори и продуценти, признати или непризнати, наградени или заборавени, платени или субвенционирани, со идеи, а без пари, со пари, а без талент, случајно откриени или со препорака, на рака, под маса, на анонимен или јавен конкурс, самиздати, поддржани од министерства, влади или спонзори.

Театарот, всушност, никогаш не излегол од мода. И тука и во светот.

Никогаш не поминува времето на измешани улоги, заткулисни игри и суфлери.

И на сцена и во животот.

Драми, хорори, комедии, трагедии, трилери и сапуници ни се случуваат секој ден.

Низ животот ни поминуваат главни и споредни личности, статисти, старлети, спонзоруши и рекетари.

Кариерата ни зависи од почетници, ѕвезди, таленти и антиталенти, партиски и непартиски определени.

Работиме со аматери и професионалци.

Малите сакаат да бидат големи.

Големите сакаат да бидат мали.

Децата министри.

Глумците директори.

Бизнисмените политичари.

Секогаш е гледана претставата „Г-ѓа министерка“.

Никогаш доста од претстави.

И во театар и во животот.

Иако во театарот прво се крева завесата, па тогаш се случува драмата. Во животот прво се случува драма, па после се крева завеса.

Во секој случај, подобро е да се гледа животот во театарска претстава, отколку театарска претстава во животот.

Суфлерите на сцената често спасуваат ситуација, во животот секогаш ја упропастуваат.

Затоа вие избирате која претстава ќе ја гледате.

И на сцена и во животот.