Струмица Опен Фестивал: Летна школа за гитара со Влатко Стефановски


Во рамките на 7.Струмица Опен Фестивал, во тек е забавната Летна школа за гитара, на која вечерва и утревечер предавања ќе има виртуозот на гитара Влатко Стефановски. Утре на Езерцето ќе се одржи и завршниот концерт на кој ќе настапат сите успешни учесници на школата заедно со нивните предавачи. Вечерва пак, бендот Нокаут ќе настапи на сцената во градскиот парк, од од 22 часот. Нивниот концерт е најавен како акустична романтика.

Струмица Опен Фестивал свечено беше отворен викендов, со проектот на Камерниот оркестар на Битола насловен „Rock Symphony“.

Главните настани се очекуваат за време на овој викенд, кога голем број на музички ѕвезди од земјава и регионот ќе имаат свои концерти.

Во петок настапуваат Тамара Тодевска, Владо Јаневски, Тони Цетински, Divolly & Markward и Ted Dettman b2b Sal Sonder. Во сабота свои настапи ќе имаат Виктори бенд, Либеро бенд, Марија Шерифовиќ, Лепа Брена и Афишал. Во недела музички гости ќе бидат бендот Црвена Јабука, Дубиоза Колектив, Саша Ковачевиќ и Astra – ION Project.