Стилистката Ребека Рој во Скопје: Ја подигаме свеста за еколошка мода во Македонија
Ребека Рој, стилистка и модна уредничка од Велика Британија и талентираната дизајнерка Ана Скодбо пристигнаа во Скопје за Модниот викенд. Специјалните гостинки, како модни практичари за одржлива мода која е усовршена од многу британски модни етикети- го пренесуваат своето искуство на студентите и дипломирани модни дизајнери, победници на проектот „Модата како дел од екосистемот. Одржлива приказна” (#sustainablestorymk) : Емануела Трајческа, Сара Реџиќ, Ева Зарезанкова, Натали Наумова ,Радица Лазова, Катерина Димитровска, Мирјана Јосифоска и Дана Ќосева, кои работеа под менторство на дизајнерката Ирина Тошева.
Нивните капсулни колекции, по промоцијата во фабриката „Астибо“ во Штип, ќе ја имаат финалната ревија пред пошироката публика, вечерва во 18 часот, во хотелот „Мериот“ како прва од вечерашнава програма на модниот настан.
-Направена е проба со манекенките за вечерашната ревија. Младите дизајнери имаа средба со Ребека и со Ана од каде научија многу работи за сертифициран органски памук, бавно производство, одржливи ткаенини, производство на нула отпад, вегански материјали и етички услови за производство, ни изјави Тошева.
И овој пат, Моден викенд- Скопје, во соработка со Министерството за економија на РМ, со поддршка од Министерството за култура на РМ во рамките на манифестацијата „Нов културен бран 2018“ и Британскиот совет ги споија младите таленти и текстилната индустрија во Македонија и покани модни практичари од Велика Британија со цел да најдат најсоодветен начин за повторна употреба на текстилот.
Цели на пректот се развој на професионални вештини, поддршка на млади креативци, нивно советување и едуцирање со цел поуспешна идна карирера, поттикнување на соработка меѓу модната и текстилната индустрија, регионална и интернационална промоција на земјата, решенија за општествените проблеми и нашиот заеднички придонес за животната средина.
Рој е британска стилистка, блогерка, модна уредничка и креативна консултантка со седиште во Лондон. Нејзиното влијание во областите на стајлингот, културата и модата се добро познати од нејзиниот личен блог но и како моден уредник за британските изданија на “The Untitled Magazine” и “Disorder Magazine”. Рој има повеќегодишно искуство како член на жирито на глобалните модни награди и панелист на модниот самит на “Drapers”. Таа исто така е дел од Советничкиот Комитет за Индустрија во Лондон и Одборот за доделување на награди на „Фешн скаут“. Нејзиното портфолио на клиенти е многубројно и разнолико, вклучува големи брендови, а работи и со млади и современи дизајнери, како и со познати личности и манекенки меѓу кои и Били Ајдол и Кејт Мос.
Ова е второ гостување на Рој во Македонија. Пред четири години во Скопје, Ребека подготви каталог за промоција на македонската мода. Каталогот содржеше креации од 25 македонски дизајнери, со бунтовничка нота.
Лејла Сабит Фото: Моден-викенд-Скопје