Стартуваше изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш


Стартуваше изградбата на првата фаза од експресниот пат Штип-Радовиш во должина од 23,5 километри, кој се протега од клучката кај штипското село Софилари до клучката кај радовишки рудникот „Бучим“.

Увид на почетокот на градежните работи во близина на штипското село Долани денеска извршија премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и градоначалниците на општините Штип, Радовиш и Конче.

Патот ќе биде со ширина од 11,5 метри и ќе има 11 мостови, од кои еден во должина од 320 метри. По него ќе може да се вози со 110 километри на час.

Заев истакна дека изградбата на  патот е од исклучителна важност за граѓаните на источниот и југоисточниот регион, кои ќе имаат и побрз транспорт на земјоделските и индустриските производи.

Како што информира директорот на ЈП за државни патиштан Зоран Китанов, првата фаза од изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш во должина од 23,5 километри е комплетно нова траса и во неа ќе се инвестираат околу 27 милиони евра. изведувачот ќе биде обврзан  по изградбата да го одржува патот пет години, што е новина.

Експресниот пат го гради фирмата Штрабаг.