Средбата Ципрас-Заев „покер“ на високо ниво

 Грчкиот печат со несмалено темпо македонско – грчките односи и последните случувања во спорот со името  ги става во фокусот на вниманието. Насловните страници на денешните неделни изданија на весниците како главна тема ги имаат анализите и информациите околу прашањето за името, преговорите во Њујорк, претстојната средба Заев – Ципрас во Давос и денешниот протест во Солун.

То Вима

„Клучен состанок Ципрас – Заев за македонското прашање, покер на високо ниво во Давос“ – е насловот на централната тема на насловната страница на неделникот „То Вима“. Весникот пишува за надежта што постои за можни потези на добра волја од двајцата премиери, исто како и другите денешни изданија на весниците, го споменува протестот во Солун, но и тајната игра на Русите.

Етнос

Интервјуто со грчкиот премиер Алексис Ципрас, под наслов: „Вака ќе го решам скопското прашање“ е централната тема во неделното издание на „Етнос“. Весникот на насловната страница пишува дека Ципрас говори за сите теми поврзани со Грција и ги поставува црвените линии во преговорите за името.

Елефтериа ту типу

„Бомба од Караманлис: Од каде излезе тоа дека јас се обврзав да постои терминот Македонија во името? Во Букурешт немаше никаков договор“ е насловот на централната тема во неделното издание на „ Елефтериа ту типу“. Весникот што е централно десничарски ориентиран, на насловната страници, на читателите им нуди ексклузивни информации за ставот на Караманлис, а исто како и во останатите весници, го споменува и протестот во Солун.

Прото тема

Најтиражниот неделник во Грција, весникот „Прото тема“, со продажба од над 50 илјади примероци, во анализата на 5 страници, пишува за зголемените притисоци од САД и Германија, за внатрешно политичката ситуација во Грција и дали евентуалниот договор би поминал во парламентот. Весникот пишува дека Ципрас може да го обезбеди потребниот број пратеници за решението да добие зелено светло, дури и без поддршка од коалицискиот партнер, но се плаши од народот.

„Прото тема“ го споменува и денешниот протест во Солун, но и средбата во Давос на премиерите на двете земји.

Катимерини

За проблемите што прашањето за името ги создаде во внатрешноста на двете земји пишува „Катимерини“, во насловната тема, споменувајќи го цврстиот став на коалициониот партнер во грчката влада, Панос Каменос и како што пишува весникот, конфликтот меѓу владата на Заев и претседателот на земјата. Неделното издание на „Катимерини“ коментира дека во исто време со обидите за изнаоѓање решение на проблемот со името, на Балканот постои мал натпревар за наметнување влијание, а главните играчи се Русија, САД, ЕУ и Турција.

Елефтерос типос

Неделното издание на „Елефтерос типос“ е единствениот весник што денес одбра главната тема на насловната страница да не е неповрзана со Македонија. Фокусот е ставен на пензиите и нивното евентуално ново кратење, додека пак за спорот за името, под наслов „Што добивме и што изгубивме за 27 години во скопското прашање“, своја анализа има грчкиот професор Константинос Филис.

Real news

„Сменете го сега вашиот устав за името и иредентистичките прашања“, е централниот наслов на весникот „Real news“, според кој ова е пораката од Атина до Скопје. Грчката влада, како што пишува весникот, смета дека е неопходна ревизија на македонскиот устав, а „Real news“ пренесува став на грчкиот премиер изразен пред неговите соработници, дека е решен да најде решение и да оди до крај, додека се подготвува за средба со неговиот македонски колега на маргините на конференцијата во Давос.

Димократиа

Неделното издание на десничарски ориентираниот весник „Димократиа“,со тираж меѓу 10 и 15 илјади примероци, во централниот наслов користи стихови од грчка песна под наслов „Прочуена Македонија“ и акцентот го става на закажаниот протест за кој пишува дека граѓани од целата земја, гласно ќе го изразат нивното несогласување за „распродажбата на историјата“. „Прочуена Македонија, беше и ќе бидеш грчка“ е насловот на текстот во кој новинарите потсетуваат на демонстрациите од 1992.

Неа селида

Весникот „Неа селида“ што со ставовите се приближува до политиката на владејачката СИРИЗА, на насловната страница го споменува прашањето за името, како повод за политички игри и можност за формирање партија на север, односно „Македонска лига“ во празнината што ја остава Нова демократија.

Авги

„Македонското прашање и економијата на пистите во Давос“ е насловот на левичарски ориентираниот весник „Авги“, кој важи за гласник на СИРИЗА. Во насловната тема акцентот е ставен на Светскиот економски форум, со коментар дека можеби по 30 години ќе заживее духот од Давос, односно, како што пишува весникот, на маргините на форумот можеби ќе се направи еден важен чекор за решавање на македонското прашање за време на средбата на државниот врв на Атина и Скопје. „Авги“ го пренесува ставот на пратеникот од СИРИЗА, Триандафилос Митафидис, дека на Солун му гори под нозе за да излезе од кризата, а не за македонското прашање.