Спиновите и дезинформациите на НАТО пропагандистите

Здравко Савески

Да не беше трагично, ќе беше многу смешно тоа што од НАТО си дозволуваат да ја уценуваат Македонија со какви било услови и предуслови за да се зачлени во НАТО. Со зачленувањето на Македонија во НАТО, САД ќе направи уште еден геостратегиски исчекор и ќе си обезбеди дополнителни можности за продажба на оружје, а Македонија, оваа наша сиромашна земја, ќе биде принудена да прави непотребни воени трошоци во ситуација кога парите што ги нема во изобилство треба под итно да ги вложи за далеку поважни потреби. Но, бидејќи во Македонија повеќе од четврт век се оневозможува отворањето на реална дебата околу потребата од зачленување во НАТО, бидејќи медиумски пристап речиси исклучиво им се дава на дезинформациите, паушалните изјави и спиновите поврзани со наводните придобивки од зачленувањето во НАТО – многумина мислат дека НАТО е нешто како светиот Грал, па затоа наместо од НАТО да трошат пари на кампањи за да нè убедуваат зошто било добро да го прифатиме членството, наместо да ни даваат економска помош и други бенефиции за да нè залажат да го прифатиме тоа, од нас бараат исполнување услови за зачленување. Пак ќе нагласам, да не беше трагично, ќе беше многу смешно.

Еден од главните спинови што ги користат е зборувањето за НАТО и ЕУ во ист пакет. Како да се работи за иста организација. Па зборуваат за евроатлантски интеграции, сакајќи да создадат впечаток дека членувањето во едната организација е неодвоиво од членувањето во другата. Дури и си дозволуваат екскурзии во дезинформирањето, претставувајќи го, експлицитно или имплицитно, членувањето во НАТО како услов за зачленување во ЕУ. А кога ќе им се наведат непобијните факти дека има земји кои се членки на ЕУ без да бидат членки на НАТО (фактички, секоја петта членка на ЕУ не е членка на НАТО!) и дека Турција, без разлика што е членка на НАТО, повеќе од 30 години не успева да се зачлени во ЕУ, е тогаш прибегнуваат кон релативизацијата дека во пракса тоа се покажало дека е така. При тоа, милуваат целосно да го игнорираат случајот на Украина, за која планот, поради геополитички причини, беше поинаков: прво членство во ЕУ, а потоа во НАТО. Бре, и така можело? Но, бидејќи тоа не се вклопува во дезинформацијата на НАТО пропагандистите дека членството во ЕУ било врзано за претходно членство во НАТО, украинскиот пример тие милуваат – да го игнорираат.

Врз наводната истоветност на НАТО и ЕУ, пропагандистите се обидуваат и да го девалвираат спротивставувањето на НАТО, тврдејќи дека тоа истовремено значи и спротивставување на зачленувањето во ЕУ. Воопшто не е така. Бидејќи не се исти организации, може да се поддржува зачленувањето на Македонија во ЕУ, а да биде против членството во НАТО. Нас допрва ќе ни треба реално одмерување на аргументите во врска со зачленувањето во ЕУ. Треба да си ги поставиме следните прашања: што значи потиснувањето на социјалната димензија од ЕУ, што значи тоа што во ЕУ денес соодносот на развиени и неразвиени земји е сосема поинаков отколку пред 30 години, што значи тоа што ЕУ сè повеќе го толерира кршењето на демократските стандарди од страна на своите земји членки? Но, дефинитивно, противењето на членувањето во НАТО не значи и нужно противење на членувањето во ЕУ. Сосема е можно да се биде за ЕУ, а против НАТО.

Противењето на НАТО нужно не подразбира заземање на проруски позиции! Тоа е уште еден од омилените спинови на НАТО пропагандистите. Ако некој е против зачленувањето во НАТО, тогаш морал да биде за Русија. Каде го пишува тоа? Русија има недемократска власт која, исто како САД, има империјалистички претензии. Ако некој се спротивставува на американскиот империјализам, мора да го поддржува рускиот (или кинескиот) империјализам? Не е можно некој да се спротивставува на империјализмот во принцип, без разлика која држава него го наметнува? НАТО пропагандистите во последно време си дозволуваат и да си подигруваат со русофобијата. Тоа е за осуда. Не смее да се поттикнува ширење непријателство кон кој и да е народ. Секогаш треба да се внимава осудата на власта во одредена земја да не премине во ширење на омраза кон народот во таа земја. Но, дали тоа гледаме дека НАТО пропагандистите чувствуваат дека ја губат почвата под нозете штом почнуваат да импутираат дека секоја критика на НАТО е нужно од проруски позиции?

Ова импутирање околу проруските позиции дури и им служи на НАТО пропагандистите за себе да си ја присвојат аурата на промотори на демократските вредности. Порано експлицитно тврдеа дека НАТО ги промовирал демократските вредности, но откако станаа очебијни недемократските практики на некои земји членки на НАТО, денес пропагандистите обично се воздржуваат од експлицитното пласирање на оваа дезинформација. „Јаваат“ на имплицитната претпоставка дека штом си прозападен, тогаш мора да си посветен на демократските вредности.

Како стои демократијата во Турција? Прашајте ги за тоа стотиците и илјадници луѓе по затворите! Оние што завршија таму поради искажан збор на критика против власта. Нели НАТО е наводно клуб на демократски земји? Зошто НАТО го толерира кршењето на демократијата и човековите права во Турција? Или, да ја видиме Унгарија. Виктор Орбан владее на сличен начин со Унгарија како што тоа го правеше Никола Груевски со Македонија. Тоа ли е владеење што може да се смета за демократско? Зошто НАТО не ѝ посочи на Унгарија дека е демократски клуб на земји и дека таквото практикување на власта е неприфатливо согласно НАТО стандардите? Веднаш штом ги поставиме вака работите, испливува вистината на површина. Сите знаеме дека НАТО нема да ја исклучи ниту Турција, ниту Унгарија ниту која било друга земја заради кршење на демократијата. Заради геополитички причини се примаат земјите во НАТО, а не заради унапредување на демократијата! Тоа е толку очебијно што е вистинска срамота колку евтино им успева на НАТО пропагандистите да ја шират дезинформацијата дека НАТО бил клуб на демократски земји!

 

Уште малку ќе се задржиме на темата демократија и НАТО. Ако демократијата не е ниту услов за зачленување во НАТО ниту услов за задржување на членството во НАТО, дали тоа значи дека на некоја земја, која ги исполнува геостратегиските причини да биде примена за членка во НАТО, ќе ѝ се прогледа низ прсти во врска со нејзиното недоволно исполнување на демократските стандарди? Одговорот го знаете. Но, тој одговор има исклучително важни импликации за нас во Македонија. Власта на СДСМ-ДУИ воопшто не ги подигна демократските стандарди во однос на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ. Од НАТО се подготвени да ја примат за членка Македонија без разлика на тоа дали демократијата се унапредува или се гази? Нема ли ваквата позиција да одигра улога и во тоа каква оценка ќе биде дадена за претстојниот референдум, без разлика дали тој ќе биде фер и демократски или не?

 

Поради немањето простор, во оваа пригода нема да се осврнеме на дезинформациите и спиновите на НАТО пропагандистите околу наводните економски бенефити од зачленувањето во НАТО и другите квазиаргументи со кои ја бомбардираат јавноста. Едно е јасно. Зачленувањето во НАТО, за разлика од зачленувањето во ЕУ, е толку очебијно погрешен потег што дури и да сакаат да нè примат под уставното име – не треба да се согласиме. НАТО пропагандистите сакаат да се наметнуваат со демократскиот плашат? Ако е така, нека не ја потиснуваат дебатата. Нека дозволат поголем медиумски простор и за аргументите против НАТО наместо континуирано да нè бомбардираат со нивната пропаганда со дезинформации, паушални тврдења и спинови.