Со 70.000 евра ќе се надградува „Мој термин“

Министерството за здравство објави тендер за надградба и одржување на националниот систем за електронски евиденции во здравството, познат како „Мој термин“.

Вредноста на набавката изнесува 4 милиони и 237 илјади денари без ДДВ, или околу 70 илјади евра.

.Системот треба да го подобри „лесното и ефикасно ажурирање на податоците преку едноставниот и кориснички интерфејс на постојниот систем“, пишува во техничката спецификација.

„Мој термин“ го воведе претходната Влада, во 2011 година. Системот го користат приближно 15 илјади корисници и над 4.000 установи. Новиот министер Венко Филипче кога стапи на функцијата најави дека надградбата на „Мој термин“ ќе биде еден од клучните проекти, со цел да се подобри квалитетот на здравствената услуга и да формираат интегриран здравствен систем во кој ќе има контрола и на потрошувачката и на вистинските потреби.