Со изложба на стотици маски почна прилепскиот карневал „Прочка 2019“
Со изложба на креативни неколку стотици маски што ги изработија учениците од прилепските училишта почна 18-тиот карневал „Прочка 2019“. Во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп беа изложени и наградени најдобрите и најкреативни маски на младите.
Според Марта Макеска, ликовен уметник и професор, користени се главно природни материјали во духот на традициите на прилепскиот карневал.
Се користат различни видови материјали. Најмногу ги користиме природните за да се задржи традиционалното што го имаме. Има инвентивни и маските се со висок квалитет и секоја година се подобри, а учениците покреативни, рече Макеска.
Годинашниов карневал ќе понуди невидени број маски на домашните групи и на учесници од странство. Ќе има преку 600 маски од Прилеп, Македонија и од Србија, Бугарија, Хрватска, од Албанија, Турција, Украина. Особеноста на маските во Прилеп е што не се повторуваат и секоја година се уникатни, нагласува Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“ кои со локалната самоуправа се организатори на карневалот.
-Одликата на прилепскиот карневал е што маските не се повторуваат, туку секоја година се оригинални и за прв пат се појавуваат. И годинава ќе имаме 13 досега не се видени групни маски, а и првпат ќе учествуваат од Прилеп и од балканските земји. Се надеваме дека посетителите ќе бидат задоволни зашто ќе видат досега нешто невидено. Освен тоа, годинава првпат имаме уличен фестивал со улични уметници, односно театар на отворено, несвојствено за Прилеп. Ќе видиме нешто ново, современо светско. Денеска, веќе пристигнаа гости од другите земји. Прилеп е горд на овој карневал. Новина е што кај нас не се репризираат маските и дел во алегорична смисла ги покажуваат одредените состојби. Освен тоа на овој карневал нема да дозволиме изживување над животни, рече Георгиев.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, поканувајќи ги посетителите на карневалскиот викенд во Прилеп потсети дека новините ќе ја збогатат карневалската атмосфера.
Изложбата на маски на учениците од прилепските училишта ја потврдува инвентивноста, но и долгата традиција што се негува со карневалот и со маскирањето во Прилеп. Очекувам викендот големо присуство и на посетители и на маски од земјава и од странство. На полнолетството на карневалот имаме и новина – уличниот фестивал на европски уметници „Статуа фест“ што ќе изведуваат оригинални перформанси, а прилепските уметници ќе го покажат својот талент, изјави Јованоски.
Утре напладне на плоштадот во центарот на Прилеп е дефилето на маските на младите до 14 години, перформансите на уметниците од „Статуа фест“, а в недела од 13 часот е големото дефиле на маските од земјава и од странство.