Сонати за виолина и пијано на „Охридско лето“
Руските уметници, виолинистката Алена Баева и пијанистот Вадим Колоденко вечерва ќе музицираат за публиката на фестивалот „Охридско лето“.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во 21 часот, а на репертоарот се сонати за виолина и пијано од композиторите Игнаси Јан Падеревски, Клод Дебиси, Лудвиг ван Бетовен и Оторино Респиџи.
Алена Баева во светот е позната како една од најдобрите виолинисти на својата генерација. Оваа млада виолинистка веќе има изградено импресивна кариера, соработувајќи редовно со светски најпознатите оркестри и диригенти. Нејзиниот репертоар е разновиден и постојано се проширува, а покрај веќе добро познатите дела, Баева често во своите концертни програми вметнува и помалку познати дела од литературата за виолина. Има издадено и голем број компакт-дискови, а нејзините настапи многу често се емитувани на светските радија и телевизии.
Вадим Колоденко има репутација на еден од музички најдраматичните и технички најнадарените изведувачи на новата генерација пијанисти. Како добитник на Златниот медал на Интернационалниот пијано натпревар „Ван Клибурн“ во 2013 година, Колоденко започнува да гради интернационална кариера. Низ годините Колоденко соработувал со голем број истакнати диригенти, оркестри и изведувачи. Има богата дискографија, а еден од најзначајните компакт-дискови е оној со Оркестарот на Норвешкото радио издаден во 2015 година, кој е награден со познатата „Editor’s Choice“ награда.