Собранието го донесе ребалансот на Буџетот за 2018 година

Собранието на Република Македонија по тридневна расправа попладнево со 53 гласа „за“ и 13 против го усвои дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2018 година со кој се направени корекции на расходната страна со цел обезбедување финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување.

Со ребалансот на Буџетот за 2018 година извршена е реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, алоцирање на дополнителни средства во износ од 660 милиони денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, обезбедени се дополнителни 763 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања, како и дополнителни средства во износ од 451 милиони денари на Агенцијата за вработување на Република Македонија за исплата на надоместокот по основ на невработеност. Намалени се одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, воглавно проекти финансирани со кредити.

Според министерот за финансии Драган Тевдоски на ваков начин со ребалансот се создаде фискален простор за зајакнување на фискалниот капацитет на општините, преку финансиска поддршка на општините и нивните единки корисници од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита, во износ од околу 51 проценти од пријавените доспеани, а неплатени обврски во ЕСПЕО.

Тој смета дека на ваков начин се очекува да се зајакне фискалниот капацитет на општините, сервисирање на долговите и раздолжување кон стопанството.

Со ребалансот има намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто. Се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,8 отсто.

Ревидирањето на планираните проекции на приходите е пред се резултат на намалувањето на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од 812 милиони денари заради реализацијата во првите девет месеци од годинава.

Расходната страна на Буџетот е корегирана надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто.

Собранието по останатите точки од дневниот ред на оваа седница ќе продолжи утре.