Скопје навистина е зелено

Горан Адамовски

Ублажување и адаптација на климатските промени, одржлива урбана мобилност, одржливо користење на земјиштето, природата и биодиверзитетот, квалитетот на воздухот, бучавата, отпадот, водата, зелениот раст, еко-иновации и енергетски перформанси се 12 индикатори за животна средина врз кои независни и меѓународно признати експерти ќе ја доделат Наградата за европски најзелен град за 2021 година. Никој не знае зошто, но скопскиот градоначалник Петре Шилегов ја препознал македонската метропола во сите овие точки и решил да ја кандидира за престижната награда. И тоа во друштво на Будимпешта, Каљари, Дижон, Лил, Стразбур, Лахти, Тирана и Вастерос.
Што ќе одлучат селекторите, ќе дознаеме за седум месеци, но сите ние што имаме привилегија да живееме во „градот убав“, одамна знаеме дека нашето Скопје воопшто не е средено и чисто. Напротив, на врвот сме во нехигиената, ретките паркчиња сега се претворени во градежни зони, сообраќајот е колабиран, побргу се стигнува до Истанбул отколку од Ѓорче Петров во Автокоманда, споредните улички се неасфалтирани, новите сообраќајници се раскопуваат поради ненивелирани шахти или менување цевки, дувне ли малку ветер и ете ти ја цела прашина во очи, а за загадениот воздух не вреди да се разговара. Уште недојдени зимата и познатите скопски магли, а градот се шета од второто до шестото место на листата на најзагадени градови во Европа. Циниците би рекле дека е добро сè додека не сме први.
Рака на срце, не е само Шилегов виновен што не се презема ништо за прочистување на воздухот. Кога ќе видиш кој ни е министер за животна средина, си викаш добро е што воопшто има што да дишеме, бидејќи како што вели Садула Дураку – Македонија не е Швајцарија. Во право е човекот, никој не ни е виновен што немаме Алпи. Ама, виновни сме што нему му даваме плата од 72.000 денари. Секој месец. Веќе 17 пати само во оваа влада.
Затоа, ние си го имаме Водно. Додуша и него го раскопавме. Еднаш за да се направи пат за елитна населба, која, патем, не постои, а сега за да изградиме гасовод до Гостивар. Не може по друг пат. Мора преку „белите дробови“ на градот. А да, шумата ја сечевме и за жичарница. Ќе ја сечеме уште, затоа што жичарницата ќе има нова фаза, ќе ја симнеме до градот.
Градските татковци очигледно имаат навика Скопје да го пријават на сите конкурси што ќе ги видат, па така пред некоја година беше кандидиран и за Европската престолнина на културата за 2028 година. Како дел од стратегијата за победа веројатно е калкулиран и проектот „Скопје 2014“.
Сегашниот градоначалник пред кандидатурата за најзелен град треба прво да ја проветри крвната слика на градот. Не со новогодишни населби. Нема да помогне ниту исмевање на критиките од страна на најмените комичари.
Шилегов вели дека фактот што кандидатурата за најзелен европски град е прифатена и е во втора фаза бил показател дека сме на добар пат да ги надминеме проблемите во кои живееме. Предвид биле земени активностите за време на неговиот мандат во делот на функционирање на градот, енергетската стратегија, алтернативниот начин на превоз…
Пуштете ги конкурсите, наградите, фалбите и критиките однадвор. Дури не е ниту важно што пи-ар стручњаците погрешно советувале градот да се кандидира за најзелен европски град, веројатно сметајќи оти така ќе се види напредок по доаѓањето на Шилегов и заминувањето на Коце Трајановски, а заборавајќи дека идејата ќе наиде на потсмев. Кога градот ќе добие повеќе зелени оази, кога ѓубрето ќе биде во контејнерите, кога сообраќајот ќе биде растоварен, кога би се изградил трамвај, кога ќе биде запрена градежната мафија, кога најпосле ќе дишеме почист воздух – ќе знаеме самите ние. Без да се споредуваме со други.