Скандал Харви Вајнстин: Холивуд против Холивуд
Откако „Њујорк тајмс“ објави обвинувања за сексуално злоупотребување и напад против холивудскиот продуцент Харви Вајнстин лани во октомври, многу мажи од забавната, медиумската и политичката сцена во САД и пошироко се соочија со обвинувања за недолично однесување до принудување на секс, па сѐ до силување. Секако, и порано имало обвиненија за недолично однесување. Но обвинувањата против Вајнстин ги отворија портите и предизвикаа меѓународна дискусија, што стави нов притисок врз компаниите, индустриите и политичките лидери, барајќи реакција од нив.
Кои се славните мажи за кои најмногу се појавија обвинувања по Харви Вајнстин:
Продуцентот Харви Вајнстин – Обвинет од 83 жени за сексуално злоупотребување и сексуален напад, вклучувајќи и силување. Отпуштен од компанијата „Вајнстин“ и избркан од неколку професионални асоцијации. Под истрага од полицијата во Њујорк, Лондон, Беверли Хилс и Лос Анџелес. Вајнстин ги отфрли сите обвиненија за секс без согласност, но тој сепак се извини за каква било болка предизвикана од неговото однесување.
Славниот готвач Џон Беш – Обвинет од 25 жени за сексуално злоупотребување. Тој се повлече од компанијата што ја основал.
Комичарот Луи Ц.К. – Обвинет од пет жени за сексуално злоупотребување. Планираното пуштање на филмот „Те сакам, тато“ се откажа. Шоуто на Нетфликс е откажано. Тој вели дека обвинувањата се вистинити и се извинува.
Креативниот директор Ендру Кисберг – Обвинет од 19 жени за сексуално злоупотребување и недолично допирање. Главниот креативец на сериите „Супержена“ и „Стрела“ е суспендиран од телевизиската групација „Ворнер брос“. Тој изјави за „Вариети“ дека тој само го коментирал изгледот и облеката на жените, но тие никогаш не биле сексуални коментари.
Продуцентот Брет Ратнер – Обвинет за малтретирање околу 12 жени. Отпуштен од „Никелодеон“. Тој се извини за своето однесување.
Актерот Кевин Спејси – Обвинет од најмалку 24 мажи за сексуално злоупотребување и напад. Лондонската полиција наводно истражува две од обвиненијата. Тој е отпуштен од серискиот филм „Куќа од карти“ и е заменет во филмот „Сите пари на светот“ на Ридли Скот. Обвинителите во Масечусетс истражуваат едно од обвиненијата. Неговиот поранешен публицист изјави дека тој ќе побара лекарска помош од непознат карактер.
Анита Хил ќе раководи со комисијата за истражување на сексуалното злоупотребување во Холивуд
САД- Американската правничка и професорка на Универзитетот Брендејс, Анита Хил, ќе ја води комисијата која ќе ги истражува наводите за сексуално злоупотребување во Холивуд.
Комисијата е формирана по многубројните обвиненија во Холивуд, вклучително и филмскиот продуцент Харви Вајнстајн, а настана на иницијатива на директорката на „Лукасфилм“, Кејтлин Кенди, потпретседателката на фондацијата „Најк“, Мариија Ајтел, агентот на таленти Нина Шо и иневеститорката Фреад Капор Клајн.
Анита Хил е една од првите жени која јавно зборуваше за сексуалното вознемирување во 1991 година кога сведочеше против Кларенс Томас, тогашен судија, чии именување во Врховниот суд требаше да го потврди Сенатот.
– Време е да заврши културата на молк. Јас во оваа работа сум 26 години, а оваа е момент кога навистина можеме нешто да промениме – истакна Хил.
Комисијата ќе бара сеопфатно решение на проблемот со сексуалното злоупотребување, а треба да почне со работа годинава.