СДСМ: Мицкоски да се извини за пустошот што го остави ВМРО-ДПМНЕ

Христијан Мицковски должи извинување за 11 години притисоци и закани кон граѓаните, за украдените избори и за украдените пари од граѓаните, додека неговата партија беше на власт, реагираат од СДСМ, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека се враќа на терен меѓу граѓаните и дека ќе следат протести.

„Мицкоски треба да отиде во секој град и секое село, да тропне на секоја врата, да ги види штетите од 11-годишното криминално владеење на неговата партија и да му се извини на секое семејство за пустошот што го направија. Се додека ВМРО-ДПМНЕ вистински не се реформира и не ги отфрли политиките на поделби и конфликти, освен деструктивна, не може да биде демократска алтернатива. Затоа и никакви најавени совети и вклучувања на експерти нема да и помогнат на ВМРО-ДПМНЕ ако опозициската партија не се откаже од деструкцијата“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Според владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ е автор и симбол на кризите, насилството, конфликтите и меѓуетничките поделби, политики кои, како што е наведено, се единственото наследство што таа партија им го остави на граѓаните и општеството.

„Граѓаните се поголеми и посилни од поделбите. Македонија веќе расчисти со поделбите на ВМРО-ДПМНЕ и затоа опозициската партија мора да престане да предизвикува насилство и да се откаже од организирање протести кои шират говор на омраза кон поддржувачите на концептот едно општество, односно кон мнозинството граѓани во Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ зад себе остави заробена и уништена држава, а она што партијата нан Мицкоски го уништи во 11 години владеење, Владата предводена од СДСМ секојдневно го санира овие 10 месеци“, велат од СДСМ.

Од партијата набројуваат дека по смената на власта е зголемената минималната плата, решен е статусот на стечајците, подобрен е кредитниот рејтинг, има раст на индустриското производство, а невработеноста е намалена.

„ВМРО-ДПМНЕ треба да престане со обидите да го кочи развојот на Македонија и да преземе одговорност, да се демократизира и да прифати дека во Македонија живеат граѓани од различни заедници и дека сите граѓани се за едно општество, за демократија и напредок“, велат од СДСМ.