„Санте плус“ работеше и покрај забраната


Приватната болница „Санте плус“ вчера работеше и покрај тоа што завчера од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) доби забрана за работа додека не ги отстрани недостатоците што ги констатирал Инспекторатот по вонредна контрола, откако во оваа болница почина родилка од Кичево.

Вчера се јавивме во болницата, од каде што ни рекоа дека работат редовно и се понудија за истиот ден да ни го закажат бараниот преглед. Потоа пациент ни потврди дека влегол во болницата, прашал за породување, му рекле дека работат и му дале понуда со цени. На преглед беше и семејство со бебе.

Од ДСЗИ не можеа да објаснат како е можно болницата да работи. Оттаму велат дека по забраната тие не издале решение за работа. Процедурата е болницата да ги отстрани недостатоците и тоа да го докаже со документација.
И додека нема конкретна информација за што точно е издадената забраната за „Санте плус“, Инспекторатот и болницата меѓусебно се обвинуваат за тенденциозност.

„Во врска со обвинувањата од страна на Специјалната болница ПЗУ „Моја болница-Св. Лазар – Санте плус“, објавени во медиумите и на интернет-порталите, ДСЗИ ја информира јавноста дека постапувањата на Инспекторатот се исклучиво согласно закон и законските надлежности. Ги отфрламе како манипулативни обвиненијата дека имаме цел да ја нарушиме репутацијата на приватната болница. ДСЗИ нема намера да нарушува ничија репутација, но сигурно и понатаму ќе ја врши својата должност пропишана со закон. Реакциите со кои се коментираат соопштенијата и постапувањето на ДСЗИ и претставувањето дека некој е оштетен и жртва, ги сметаме за вршење директен притисок врз работата на Инспекторатот“, соопштија оттаму.

Претходно, од „Санте плус“ известија дека недостатоците што ги констатирал Инспекторатот биле административни и се однесуваат на тоа што дел од вработените биле пријавени во Агенцијата за вработување на определено наместо на неопределено работно време.
„Одлуката на ДСЗИ е беспредметна и не разбираме на кој начин горенаведените недостатоци имаат ефект на работата на нашата болница. Сакаме да ја истакнеме нашата загриженост од ваквите тенденциозни објави од страна на ДСЗИ. Имено, сметаме дека објавата за затворањето на нашата болница поради некакви констатирани недостатоци со премолчување притоа на административната и сметководствена природа на такви недостатоци, е дадена единствено со цел да се наруши нашата репутација и да се создаде впечаток дека се констатирани некакви недостатоци од медицинска природа, што е апсолутно неточно“, соопштија од болницата.

Уште нема извештај од комисијата што ја формира Министерството за здравство со цел да се утврди дали е направен пропуст со пациентката Дебора Ќерими-Џамбази, која почина за време на породување во оваа болница. Од „Санте плус“ тврдат дека Ќерими починала на КАРИЛ, каде што ја транспортирале со нивно возило, а од КАРИЛ велат дека кога била донесена кај нив веќе била мртва. Вонредната контрола беше направена по смртта на родилката.