Романски свештеник со закани за тие што не учествуваа на референдумот


Романски свештеник се закани дека ќе ги исклучи од црквата луѓето кои не гласаа на референдумот за уставни измени за дефинирање на семејството.

Референдумот се одржа во неделата, а романските гласачи беа повикани да гласаат за промена на дефиницијата на бракот во романскиот Устав од „заедница на сопружници“, како што е сега, во „заедница меѓу маж и жена“. Повеќе од 90 отсто од гласачите го поддржаа предлогот, но референдумот беше прогласен за неважечки, бидејќи одѕивот на гласачите беше помал од 30 отсто, како што се бара со закон.

Козмин Санти, професор на Богословскиот факултет на Универзитетот Влахија во Трговиште, кој е исто така парохиски свештеник во областа Вифора во Дамбовица, изјави дека Црквата треба да ја преиспита својата позиција во општеството.

„Дојде време да ги искористиме канонските правила за казнување на грешниците. Не можеме да ги благословуваме на свадби и на погреби оние кои се против Црквата и Господ“, напиша свештеникот на Фејсбук.

Архиепископијата во Трговиште реагираше на коментарот на свештеникот, истакнувајќи дека „црквата не пристапува кон ниту едно прашање, што се однесува на правото на изразување на верниците, со проклетство, анатема и екскомуникација од црквата“.