Роденденска ревија на Лидија Георгиева: Милион милји совршенство


Совршено беше модното патување низ Европа, синоќа, на роденденската ревија на Лидија Георгиева „Милион милји време“, за старт на Моден викенд- Скопје. Урбани и дотерани лица од јавниот живот, претставници на дипломатскиот кор во земјата, колеги, пријатели и новинари уживаа во прекрасната глетка, дизајн, убави манекенки, и во урбаната музика што ни го приреди славеничката, која одбележува 30 години кариера и 20 години од брендот.

Богатството од идеи, култури, знаење и искуства што Георгиева ги собрала во текот на едногодишното патување ги раскажа преку 20 совршени модни силуети- раскошни, боемски и елегантни, а во некои од нив се за прв пат презентирани и дизајни од ексклузивната соработка со францускиот бренд Фејмс –колекција рачно плетени модели.

Креациите ги содржаа препознатливите елементи на изградениот стил на Лидија, – луксузни материјали, тантели, плетени дизајни, како и отпечатоци. Ексклузивна ревија на ексклузивна локација-  во студиото за снимање на реклами и симфониска музика „F.A.M.E.S“ , во објект изграден лани и наградуван како архитектонско ремек дело.

„Приказната се одвива во атмосфера на патување, целиот креативен процес и изработка се резултат на едногодишно континуирано патување низ Европа. Дел од моделите дури се работени во автомобил во движење, некаде низ континентот. Пробивањето на личните и општествените ѕидови и бариери, уживањето во неограниченоста, потрага по слободата, слобода на изразот и силното чувство на слобода кога патуваме се тема на колекцијата“, изјави дизајнерката, по повод роденденската колекција. На крај од ревијата, доби голем букет цвеќе од мама.

Георгиева, професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје,  со богато модно портфолио, кое го има создавано меѓу Париз и Скопје, еднаш годишно е присутна со ревии на најголемото модно случување кај нас. Со свои колекции кои се состојат од мали серии или уникати рачно изработени модели, печатени, везени или плетени, или со ревии на нејзините студенти од Технолошко-металуршкиот факултет. Актуелна е и со дизајн на театарски костими и за модерен балет, а сигурно чекори и во создавањето свое место на сцената на дизајн за дом.

– Навистина уживам во работата, имам доволно идеи и енергија за сето ова, се случува луѓето да ме бараат со понуда за работа, но се случува и јас да ги креирам настаните, особено ако ми светне „сијаличката“ за потенцијал на ново искуство – вели Лидија.

Моден викенд Скопје продолжува вечерва во „Скопје Мериот Хотел“ инаку официјална локација на осумнаесеттиот Моден викенд Скопје, со модната инсталација и перформанс од финалниот дел на проектот #sustainabestorymk. Вечерва ќе го видиме и најновите креации на дизајнерките Ирина Тошева, Теодора Митровска, Кренаре Ругова и Силвија Михајловска.

По ревиите , Моден викенд продолжува на забава во „Јавна соба“. Модниот настан трае до недела, во организација на Света Богова- Јовановска.

Лејла Сабит    Фото: Ани и Дими