Рибери: Ќе го напуштам Баерн како господин
Крилото на Баерн Минхен – Франк Рибери, може да стане првиот играч во историјата на Бундеслигата со 9 титули во германскиот шампионат. Ова ќе се случи, ако Баерн грабне ја „сребрената салатиера“ во последната кампања на Рибери на „Алијанц Арена“.
Се очекува тој да го напушти Баерн во текот на летото, кога истекува и неговиот договор. Пред „Екип“, француската легенда зборува за 12-те сезони (од 2007 година) во Баварија и успесите кои ги постигна во најуспешниот клуб во Германија.
– Уште на почетокот сфатив дека Баерн е мојот клуб. Мојата врска со раководителите и навивачите беше добра уште од првиот момент. Само 2-3 месеци откако дојдов веќе бев интегриран, целосно. На 7 април ќе наполнам 36 години. Баерн е како едно семејство. Односите ни беа чисти, без лицемерие. Баерн ме прифати таков каков што бев, вели тој.
Французинот сепак вели дека ништо не му дошло лесно во баварскиот гигант.
– Само јас знам како успеав. Секогаш сум се потпирал на тренинзите и работата, на тоа да се подобрам. Јас сум победник, штом се задржав толку време во еден од топ 5 клубовите во светот. И кога ќе си заминам, ќе го направам тоа како господин, изјави Франк Рибери.
Тој е дете на Лил и Болон, а професионално игра за тимовите на Алес, Брест, Метц, Галатасарај (шампион на Турција, 2004/2005 година) и Марсеј (Интертото Купот, 2005). Во 2007 година преминува во Баерн Минхен, каде за 12 години освои 21 трофе, вклучувајќи и Лигата на Шампионите во 2013 година.