Референдум… дум… дум… со руски рулет

Ерол Ризаов

Ќе загине ли Македонија на референдум… дум… дум… дум… пукајќи си сама во главата. Да играме руски рулет нè повикуваат дење-ноќе познати патриоти под јорган планина и добронамерни правни експерти, праведници и демократи, литерати, уметници, академици, државници и разни други загрижени дејци. Слаткоречиво и мудро ја подучуваат нацијата да не учествува во предавство на татковината, туку да седи дома и слободно да си го впери пиштолот во слепоочница, оти имало само еден куршум во буренцето на колтот, па веројатноста дека нема ништо да му биде на народот ако го притисне чкрапалото е многу голема, дури еден спрема пет. Така Македонија, седејќи дома и играјќи со пиштолот, ќе се спаси од странските непријатели и домашните предавници кои насилно и арогантно ја туркаат да стане членка на НАТО и на ЕУ, за и ова парче земја да биде заробено во оковите на најголемата воена организација која го тероризира светот и во најголемата економско-политичка заедница, која само што не се распаднала и која не се задушила во својот егоизам и сиромаштија.

Еве како ќе ги препознаете загрижените за судбината на Македонија и македонскиот народ. Внимавајте, тие во критичен момент со актерско совршенство ја приопштуваат својата пленувачка искреност дека со срце и со душа отсекогаш ја гледале Македонија во европското семејство, а со разум и во НАТО, иако нешто помалку во тоа друштво, оти тоа сепак е воена организација. Ќе ве облее милина од пацифизам, мирољубие и мудрост искажани од предводниците на евроинтеграциите. И, дотука можат и да ве излажат оти тие добро знаат дека големо мнозинство граѓани во сите истражувања на јавното мислење, Македонија ја гледаат во НАТО и во ЕУ. Тие знаат дека сите политички партии, сите парламентарни состави, сите влади и сите развојни документи и целата структура на општествениот, правниот и економскиот систем почиваат на европските закони и вредности. Но, внимавајте, по рецитирање на оваа позната стихотворба има нагло кочење, најчесто со тумбање.

Да, сите сме за Европа, арно ама, не може да се оди таму без идентитет и со згазено достоинство… ја продолжуваат сугестивната приказна во дијаметрално спротивна насока. Велат, со траорен глас, не може да се влезе ни во тоалет со овие понижувачки и навредливи услови. Толку добро глумат пред камери што и самите почнуваат да веруваат во големата лага и во својот месијански подвиг. Утредента имаат за тоа силна потврда кога одат на пазар и кога ги бакнуваат пазарџиките во знак на благодарност оти ја бранат Македонија.

А, дали сте забележале што е тоа што од нив никогаш нема да слушнете. Тие никогаш нема да кажат дека отстапките во договорот се направени затоа што по 27 години преговори и разговори, оправдувања и лаги и катастрофални грешки немало од никој одлучувачка поддршка Македонија да стане членка на овие два најголеми светски организации ниту, пак, да стане членка на ОН со уставното име. Тие наши евровити никогаш нема да понудат рационален одговор на прашањето – дали е можно да се стане членка на НАТО и на ЕУ ако не се направат отстапки? Тие никогаш нема да ви кажат што ќе се случи со Македонија ако пропадне референдумот, односно ако успее нивната пропаганда за бојкот. Ќе ви речат спокојно – на тоа нека мисли владата. Тие никогаш нема да кажат, иако знаат, во каква криза ќе влезе Македонија ако, на пример, над 800.000 луѓе гласаат „за“ влез во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ со прифаќање на договорот со Грција како избор на помало зло и како прагматична одлука за иднината на државата, но тоа не го исполнува условот за цензус. Но, и покрај толкавата поддршка од 800.000 па и повеќе луѓе, референдумот може да пропадне поради недоволна излезеност од 50 отсто плус еден од над 1.800.000 запишани гласачи во избирачките списоци, иако тоа многу веројатно претставува над 70 отсто од граѓаните кои останале да живеат во Македонија и кои се за членство во НАТО и ЕУ.

Големите демократи поддржувачи на евроатлантските интеграции кои 11 години за време на режимот на Никола Груевски уста не отворија за новиот антички идентитет и за откриеното пославно минато, сега ја подучуваат јавноста дека референдумското прашање не смее да биде сугестивно, туку онака ептен неутрално и недвосмислено да можете уште од сега да се определите тој ден на раат да ја преспиете својата и иднината на поколенијата. За нив на денот на референдумот сè е попаметно отколку да гласате било „за“, било „против“.

Прашањето не треба да биде сугестивно. Штом го слушнете ова веднаш да знаете дека тој што го изговорил е против влезот на Македонија во НАТО и против европската иднина на државата и граѓаните.

Па како бре, божји луѓе, може некој граѓаните да ги повика на референдум, а да не им каже која му е целта. Чуму ни е референдум ако тоа не е услов за влез во НАТО и во ЕУ. Зошто би правела Македонија каков било компромис со Грција и со кого било на светот ако тоа не ѝ носи никаква корист, ако од тоа нема никакво фајде. Значи, мудреците кои се да останеме на Балканот проповедаат да се стокми така прашањето што веднаш ќе се види колкаво предавство на националните интереси извршиле неколку луѓе кои дошле на власт со помош на светски заговор само за да ја уништат Македонија. Нивното референдумско прашање во милион варијанти гласи – „Дали сте за прифаќање на капитулантскиот и предавнички договор со Грција“. Ова воопшто не е сугестивно. Нели.

Тие нема да ви признаат дека со повиците и сугестиите за бојкот на референдумот учествуваат во реставрацијата на груевизмот. Но и тие што ја изработија историската шанса со склучување на договорот со Грција лесно можат да станат соучесници во враќање на режимот ако не ги преземат сите мерки да го отстранат попречувањето на историските стратегиски цели на државата. Одбраната на најзначајните национални и државни интереси и отстранувањето на сите пречки на тој пат се јасно одредени во уставот на Македонија. Тоа се истите членови на кои се повикуваат уставобранителите да останеме таму кај што сме. Тие не го толкуваат погрешно уставот. Тие се изгубиле, оти не ја знаат целта. Не можат да разберат дека капитулација и предавство е да останеш надвор од Европа.