Реприза на „Златните глобуси“: Доделени наградите „САГ“ во Холивуд
САД – Одмаздничката приказна инспирирана од вестерн филмовите наречена „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“ ги собра главните награди на “Screen Actors Guild Awards” („САГ награди“) вчера, со победите во категориите најдобар актерски тим, најдобра главна женска улога за Франсис Мекдорманд и најдобра споредна машка улога за Сем Роквел.
Речиси во потполност се повторија наградите „Златен Глобус“ на кои Гери Олдман ја доби најдобрата машка главна улога за неговата изведба на Винстон Черчил во „Најтемниот час“ и Алисон Џени за најдобра споредна женска улога за портретирањето на мајката на Тоња Хардинг во „Јас, Тоња“.
Како повеќето наградни настани оваа сезона, и на ова шоу во центарот на вниманието остана третманот на жените во Холивуд и речиси сите презентери беа жени, а Кристен Бел беше главната водителка.
Со сите проминентни мажи во Холивуд што се соочуваат со обвинувања за сексуално малтретирање, речиси секој аспект на наградната сезона беше под влијание на скандалот – почнувајќи од прашањата на црвениот тепих, па се до нетрпеливоста кој ќе ги освои наградите.
Пред две седмици, Џејмс Франко и Азиз Ансари освоија „Златни глобуси“ носејќиги беџовите со слоганот „Времето истече“, само неколку часа пред да бидат обвинети за недолично сексуално однесување, а во случајот на Ансари и за агресивно сексуално однесување поднесено од анонимно лице. Двајцата актери беа номинирани во неделата и изгубија, Франко од Олдман, а Ансари од Вилијам Х. Мејси за „Бесрамен“.
Роквел, кој го победи неговиот колега Вуди Харелсон во категоријата, во неговиот говор на сцената се заблагодари на Мекдорманд.
Серискиот филм „Големи мали лаги“ ја доби наградата за најдобри актери во мини-серија за улогите на Александер Скаргард и Никол Кидман.
„Многу сум благодарна што во денешно време нашите кариери можат да продолжат и по 40-тата година“, изјави Кидман во нејзиниот говор при примањето на наградата. „Ние сме плодни и можни и издржани. Само се надевам дека индустријата ќе продолжи да нѐ поддржува бидејќи конечно нашите приказни конечно се раскажуваат.“
Ѕвездата на „Круна“ Клер Фој ја доби наградата за најдобра женска актерка во драма-серијата за кралицата Елизабета Втора.
Наградата за животно достигнување ја доби Морган Фримен кој одржа краток говор по трогателното видео со моменти од неговата долга кариера и по претставувањето од страна на Рита Морено. Добитникот на Оскар за филмот „Девојка од милион долари“ и 4 пати номинираниот за престижнатта награда има над 80 филмови на своето резиме.
„Ќе ви кажам што не е во ред со оваа статуетка“ рече тој при крајот на говорот. „Одзади е добра, но предната страна е со родова определеност. Можеби започнав нешто.“
Првите награди се доделија на „Игра на троновите“ и „Вондер-воман“, кои беа почестени со наградата за најдобра каскадерска изведба.
„САГ“ наградите се веродостоен предзнак за победниците за најдобри актери на „оскарите“. Оваа година настанот ќе се случи два дена откако ќе се објават номинациите.
Додека филмот „Три билборда надвор од Ебинг, Мисури“ засега го има „Златниот глобус“ и „САГ“ наградата, сепак изгуби од филмот „Обликот на водата“ на Гилјермо дел Торо на продуцентските награди во саботата вечер, а овие награди се често показател за најдобар филм на „Оскарите“ на 4-ти март.