Репортажа: Зошто бугарските зимски центри Банско и Боровец се топ-дестинации?
Двоецот ББ (Банско и Боровец) и оваа зимска сезона ги шармираше Македонците и Европејците како филмската ѕвезда Б.Б. (Брижит Бардо) и ги покани во своите ски и спа-центри, ментално и физички да се подготват за новата 2019 година.
Банско и Боровец се разликуваат како небо и земја, како тивок натпревар меѓу дама од прва класа и модерна девојка, зависи дали сакате мирен, суптилен и елегантен одмор, во бутик-хотел со акцент на релаксација или енергичен, страстен, 24-часовен рекреативен одмор, полн со адреналин и врева, во огромен хотелски комплекс.
Градот Банско е со најголема динамика на приватните инвестиции во туристичкиот дел на градовите во Бугарија. Боровец, пак, е најстариот бугарски зимски туристички центар, некогашно царско ловиште. Ски-центарот Банско е лоциран на надморска височина од 925 м., а Боровец е сместен на северните падини на највисоката планина на Балканот – Рила (2.925 м), на надморска висина од 1.350 м. Во Банско погледот се губи меѓу мноштво хотели, продавници и кафулиња, а во Боровец глетката се губи во густата борова шума. До Банско има околу 250 км, до Боровец, и дваесетина километри поблиску, ако тргате директно од Скопје. Во Банско температурите се нешто повисоки-3, во Боровец пониски – 11.
Цените на аранжманите за полупансион (со појадок или појадок со вечера) во хотелите во Банско се движат од 30 до 70 евра дневно, во зависност од типот на хотелот, а слични се цените и во Боровец.
Банско: Уживање со минерални базени
Од Скопје до Банско, во нормални зимски услови и без задржување на граница, патот трае околу пет часа. Низ Македонија патот е расчистен од снегот до граничниот премин „Деве Баир“. На границата не губите време со купување налепници за автомобили познати како вињети, кои од Нова година може да се купат електронски, на интернет-страницата bgtoll.bg. Вињетата нема потреба да се испечати ниту да се носи во автомобилот или да се покажува на контролните органи. Откако ќе ја поминете бугарската граница, продолжувате да возите на суви коловози, иако околу има снег, кон Дупница, па кон Благогоевград. Ако тргнете наутро околу 7 часот, напладне веќе сте во Банско.
Банско е град во Благоевградската област во Бугарија со 9.190 жители, блиску до Разлог. Малкумина знаат и дека е родното место на Никола Вапцаров. Градот е сместен на источните падини на планината Пирин и во неговата непосредна близина се наоѓа и ски-центарот кој го носи истото име. Во периодот на 1896 година Гоце Делчев учителствувал во Банско, но оттука бил протеран од градските големци поради својата сомнителна револуционерна дејност.
Ски-центарот располага со 17 скијачки патеки (должина 75 км) и 27 ски-лифтови. Највисоката точка на ски-центарот е 2.560 м, а најниската – 1.000 м.
Новинарската екипа од Скопје, на покана на туристичката агенција „Фибула Ер Травел“ од Скопје, во Банско беше сместена кралски, во хотелот „Регнум“ со пет ѕвездички (во подножјето на планината Пирин), уште облечен во новогодишно руво, кој располага со 130 луксузни апартмани, со традиционална бугарска, меѓународна и автентична турска кујна. Хотелот годинава одбележува јубилеј – десет години постоење, па туристите со пократок или подолг престој ги пречекуваат бели и сини балони и огромна елка во лобито накитена со златни новогодишни украси со кралски шмек. И со уште еден раритет што го немаат другите хотели – попарен турски чај кој може да го пиете цел ден.
Освен комфорниот и мирен престој, може да се пофали со ексклузивен одмор во надворешни базени со минерална вода, со кои ретко можат да се пофалат други хотели.
Термалната бања „Регнум“ е лоцирана на осум километри подалеку од хотелот, во селото Бања, до каде што има бесплатен превоз доколку сте гостин на хотелот. Огромниот надворешен базен со температура на водата од 36 степени нуди уникатно доживување ако се капите додека ви паѓа снег, а ако сакате уживање во потопла вода, на располагање ви е џакузи со минерална вода со температура од 39 степени. Велат, нема поздраво од топла бања да излезете на студениот воздух. Се разбира, и да облечете наметка. Така ви се затвораат порите на кожата и нема шанси да настинете.
Боровец: Забава и скијање до бесвест
За да стигнете од Банско до Боровец, се враќате назад до Дупница, па преку Самоков исчистениот пат ве води до најстариот зимски центар во Бугарија. Кога пред очите ќе ви се појави густа борова шума, како што паметам од детството, така знаете дека се доближувате до Боровец. Фантастичните скијачки терени, кои во 80-тите години ги собираа на светските купови скијачките легенди како Ингемар Стенмарк, Марк Жирардели и Бојан Крижај, модерните жичници и ски-лифтовите, како и голем број снежни топови, го направиле Боровец еден од најпопуларните ски-центри во Европа. Билетот за полудневно скијање изнесува 18 евра, а за ноќно – 20 евра.
Низ историјата подолга од еден век, Боровец се развил во модерен ски-центар, со понуда на хотели во сите категории, ресторани, ноќни клубови и продавници. Неколку хотели се наоѓа во близина на почетните станици на пониските ски-лифтови, додека другите хотели поседуваат сопствени мини-бусеви кои во текот на целиот ден ги превезуваат гостите до патеките и назад до хотелите.
Вкупно 58 км означени патеки нудат можност за уживање на сите категории на скијачи, поделени во три дела: централен (1.340 м – 1.780 м), Јастребец (1.340 м – 2.369 м) и Маркудџик (2.340 м – 2.550 м). Тука се наоѓа популарното Бачило, како што ние го викаме и во Маврово, каде што можете да здивнете, сонцето да ве погали, да испиете кафе, чај или греано вино и да направите убави фотографии.
Снежната покривка, поради поволните климатски услови, трае од средината на декември до април. Жичницата работи од 9 часот до 16:30 часот. Ноќното скијање е можно на патеките со осветлување во периодот од 17 до 22 часот.
Се сместивме во некогаш најимпресивниот хотелски комплекс во Боровец, „Рила Боровец“, и сега е импресивен, лоциран во строгиот центар, спроти скијачките патеки, оддалечен 100 метри од гондолите.
Изграден е во 1990 година, по оригинален француски архитектонски проект и еден е од најголемите на Балканот. Хотелот е реновиран во 2001 година, па пред четири години, а на ред ќе дојде и реновирањето на дваесетината лифтови, ни објасни менаџерот Светислав, кој престојот ни го направи покомфорен и со внимание. „Рила“, кој е рангиран со 4 ѕвездички, располага со 257 двокреветни соби, 266 студија и 4 апартмани.
Хотелот импонира со огромното лоби и со каминот кој гори 24 часа. Ако надвор на скијачките терени, кои ги гледате директно од балконите, гледате илјада скијачи, истовремено толку луѓе има и во лобито, низ кое постојано „летаат“ келнери, носачи и хостеси.
Има луксузни ресторани со меѓународна или бугарска кујна, па билјард-сала, па лаунџ-бар тераса со поп-музика, згодни келнерки и прекрасна храна, па ноќен бар, дискотеки, градинка, сала за состаноци, центар за убавина, сала со електронски игри, спа-центар, фитнес-сала, затворен базен…
Топло-ладно, внатре-надвор
Пред да влезете во хотелите во Банско и во Боровец ви е ладно, кога ќе влезете внатре ви е многу топло, правите облечи-соблечи. Низ хотелите некој се шета во бунда, некој во кратки панталони, некој бос со бањарка, а некој со скијачки чевли и јакна. Некој се спрема за спа и за пливање и сауна, некој за скијање, а многу гости сакаат да уживаат со кафе или чај покрај каминот.
Славни и обични гости
Во хотелите во Банско и во Боровец, меѓу гостите, најмногу се слуша македонскиот јазик, чист литературен и со дијалекти. Има многу странци и од Европа, а кога ќе забележите дека некој вика, зборува гласно, и не е паркиран прописно пред хотелите, знаете дека се од Македонија. Секоја зима, па и оваа мешавина од гости – од вистински зимски рекреативци до нашминкани дами со пудра, фенирани коси и црвен маникир, со луксузни бунди и скијачка брендирана облека. Плачат бебиња, децата уживаат и си играат, возрасните или се нервираат, или молчат, или се зафатени со телефоните.
Бараш рај, а наоѓаш комшии, познајници, пријатели, одамна невидени, познати лица. Во Банско и во Боровец, како да си во Скопје. Наидовме на композиторот Дарко Димитров, кој за викенд се одмараше со семејството, бизнисменката Соња Рио, која предизвикуваше внимание со светкавиот аутфит, градочалници од внатрешноста….
Лила хит меѓу гостите во Банско и Боровец
ТВ-ѕвездата и водителка Лила Филиповска со својата атрактивна појава и препознатлив глас беше хит меѓу гостите во Банско и Боровец. Сите сакаа да се сликаат со неа: најмногу децата, па мажите, а жените некако срамежливо ѝ приоѓаа. Една весела група во хотелот „Рила“ искоментира: сите од Кавадарци и Лила, кај го има тоа.
Таа љубезна и насмеана, никого не одби за фотографирање, напротив, ѝ беше задоволство, а другите странски и домашни гости се чудеа во што е работата.
Лејла Сабит