Режисерот Горан Марковиќ ќе присуствува на изведбата на „Говорна мана“ во МНТ


Познатиот филмски и театарски режисер Горан Марковиќ ќе гостува во Македонскиот народен театар на вечерашната изведба на „Говорна мана“. Тој е автор на текстот на оваа претстава која МНТ премиерно ја изведе минатата година во режија на Драгана Милошевска-Попова.

Марковиќ (Белград 1946) е филмски и театарски режисер, сценарист, есеист и писател, син на двајца познати актери, Оливера и Раде Марковиќ. Студирал на филмската академија ФАМУ во Прага, на отсек режија, каде завршил 1970 и почнал да работи на телевизиски документарни филмови.

Професор е по режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Режисер е на филмовите: „Специјално воспитување“ (1977), „Национална класа“ (1979), „Вариола вера“ (1982), „Тајванска канаста“ (1985), „Веќе видено“ (1987), „Тито и јас“ (1992), „Урнебесна трагедија“ (1995), „Србија, година нулта“ – документарен филм (2001), „Кордон“ (2002), „Турнеја“ (2008), „Фалсификатор“ (2012)…

Добитник е на повеќе од триесет награди за своето богато филмско и театарско творештво. Автор е на три книги: „Чешката школа не постои“, „Мали тајни“ и „Три приказни за самоубијците“, на краткиот роман „Тито и јас“ и дневничката проза „Една година“. Драмски автор е на „Мали тајни“, „Делириум тременс“, „Вила Сашино“, „Мајстори, мајстори“, „Говорна мана“.

Неговиот текст „Говорна мана“ се занимава со проблемот на театарот и театарските луѓе, а преку театарот и со целото општество. Текстот е напишан и поставен првпат во Белград, во доцните 1990-ти. Текстот низ една трилер-ситуација на љубовен триаголник се занимава со врската меѓу политиката и уметноста, а и врските меѓу криминалот, бизнисот и политиката.

Приказната се одвива во театар, во гримиорна на еден актер, првенец, на крајот на неговата кариера. Актерот и професор по глума во приказната (Мишел Радински), кого во нашата претстава го игра Игор Џамбазов, се штити себеси затворајќи ги очите пред општествената реалност и бега во илузиите кои му ги овозможува театарот.

Режисерката Милошевски-Попова по повод премиерата лани рече дека во текот на процесот размислувале дали треба да остане насловот „Говорна мана“ или да биде „говорна и други мани“.

– Затоа што се занимава со разноразни општествени теми, што се сублимирани како и во другите, пред се, филмови, но и во други текстови на Горан Марковиќ, кои влијаеле да се развијам и како човек, и како режисер. Приказната е сместена во театар и сите ликови се луѓе кои кажуваат реплики што нам ни се блиски и познати, рече режисерката.

Покрај Џамбазов, во „Говорна мана“ играат и Ивица Димитријевиќ и Сашка Димитровска, а на сцената се појавуваат и Арна Шијак, Ана Стојановска и Билјана Јовановска.