Ревија „Made in Macedonia: Почетоци и еволуција“: Да се види и да се биде виден
Мал простор, многу публика, уникатна модна ревија? Синоќа, за ревијата „Made in Macedonia: Почетоци и еволуција“ во Музејот на Македонија, се бараше паркинг повеќе, место за стоење повеќе, и воздух за дишење. Кој не дошол еден час пред почетокот, не е многу висок или има трпение, ревијата на домашните дизајнери можеше да ја гледа со двоглед или да се турка. Дамите од кремот на Скопје, туфкаа што облекле високи потпетици, другите гости-љубителите на модата, бизнисмени, културни дејци и претставници на дипломатскиот кор си муабетеа или излегуваа надвор на по цигара.
Ревијата, чија цел е потенцирање на македонскиот карактер во безвременските дизајни на македонски етаблирани дизајнери, ја отвори Кристијан Тимоние, амбасадор на Република Франција во Република Македонија.
Со свои три креации се претставија дизајнерите Антонија Ристовска, Ивана Кнез, Јана Манева-Чупоска, Лидија Георгиева, Никола Ефтимов, Олгица Георгиева, Росица Мршиќ, Силвија Михајловска-Алшар, Тања Кокев и Розе Трајчевска.
Моделите ги носеа една славна манекенка или јавна личност и две млади манекенки кои дефилираа меѓу витрините со нашите традиционални носии, како дел од поставката во Музејот на Македонија.
Организаторот, “Добредојде“ Македонија Welcome Center, очекува модното шоу коe претставува спој на културното наследство со најновите модни трендови да стане традиција.
Лани, ревијата ја поддржа aмбасадорот на Соединетите Американски Држави, Н.Е. г-дин Џес Л. Бејли, со сопругата Кејпи Полк Бејли.
Лејла Сабит Фото: Борис Грданоски