Рама: Горд сум што ме обвинуваат дека ги бранам Албанците во Македонија
Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека се чувствува горд кога го обвинуваат дека ги брани Албанците во Македонија и додава дека ќе продолжи да ги брани.
Ова како одговор на обвинувањата што му ги упати Руската амбасада за „патернализам околу подготвувањето и усвојувањето на Платформа од Тирана“.
– Горд сум кога ме обвинуваат дека ги бранам интересите на Албанците. Од друга страна мојот став е сосема јасен. Немаме скриени агенди, тие се јавни и кога има високи температури со соседите, спроведуваме нова надворешна политика која има достоинство, и тоа без разлика дали сме мала земја или не, бидејќи на маса сме рамноправи, изјави Рама.
Тој вели дека воопшто не е изненаден од одбивањето на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да го потпише Законот за употреба на јазиците и додава дека дури би бил изненаден ако тој го направел спротивното.
Рама ги демантира обвинувањата на Иванов кон Албанија велејќи дека „Албанија има политичка агенда за надворешната политика“.
– Не е никакво изненадувања за мене, бидејќи ставот на Претседателот беше познат однапред и би било изненадување доколку тој го потпишеше законот. Но, тоа нема да го попречи законот да стане закон. Тоа е нешто најзначајно, изјавил Рама.