Пуштен во употреба првиот аудио водич за локалитетот Стоби
Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби, во соработка со софтверската компанија G6 Solutions од Скопје, го изработија првиот аудио водич за археолошки локалитет во Република Македонија и истиот е во употреба од вчера.
Во чекор со најсовремените пристапи за управување со посетители при посета на археолошки локалитет, овој аудио водич ќе му помогне на секој посетител да го запознае и доживее археолошкиот локалитет Стоби, еден од најубавите локалитети во Македонија, на интерактивен и автентичен начин.
Археолошкиот локалитет Стоби е едена од најпосетуваните туристички дестинации во Македонија и за потребите на посетителите, освен туристички водич кој е на располагање за посетителите на локалитетот, од сега, ќе може да се користи и мобилната апликација Stobi audio guide, која е достапна за Андроид и IOS оперативни системи, на македонски и англиски јазик. Апликацијата содржи сите неопходни информации за објектите кои се во состав на археолошкиот локалитет, како и кус историјат за локалитетот и насоки за движење согласно неговиот историски наратив. Посетителите ќе може да ја спуштат апликацијата на самиот влез на локалитетот каде што е обезбеден и слободен интернет пристап.
Автори на текстовите за водичот се дел од вработените во НУ Стоби: Димитар Николовски, Мишко Тутковски, Гоце Павловски и Силвана Блажевска. Превод на англиски, Димитар Николовски, а лектура на англиски јазик, Керолин Снајвли. Наратор на македонски јазик е Славица Бабамова, а на англиски, Димитар Николовски.