Протести за името Македонија ќе има и во Атина


По масовниот протест во Солун во неделата, грчките организации и здруженија, најавуваат нов собир, но овој пат во грчката престолнина.

Преку социјалните мрежи и изјави во грчките медиуми, јавува дописникот на МИА од Атина, се упатува повик на 4 февруари, граѓаните да излезат во центарот на Атина во рамките на кампањата што започна под мотото „Македонија е грчка“.

На демонстрациите во Солун и покрај тоа што ГПЦ официјално не ги повика митрополитите и граѓаните да излезат да протестираат, учествуваше солунскиот митрополит Антимос, заедно со негови колеги од Северна Грција.

Поглаварот на грчката православна црква, архиепископот Јеронимос вели дека само девет од 82 митрополити учествуваа во протестот во Солун и уште еднаш го повторува ставот на ГПЦ дека не прифаќа терминот Македонија да биде вклучен во името на нашата земја.

– Светиот синод објави едно многу успешно соопштение и ја разјасни позицијата, во кое кажа дека синодот, црквата, не го прифаќа ниту името, нити изведените зборови. Но, треба со мудрост, трезвеност и единство да размислиме што ќе правиме понатаму. Ова е она што го изразува мојот став, вели поглаварот на ГПЦ, архиепископот Јеронимос, пренесува МИА.