Промоција на постхумниот албум на Тоше: Енди Рајт доаѓа во Скопје
Славниот британски продуцент Енди Рајт денеска во 14 часот ќе присуствува на промоцијата на новиот постхумен албум на Тоше Проески во Скопје.
Албумот, четврти постхумен, е насловен „Secret place“ и на него се наоѓаат седум нови песни на англиски јазик како и три преработки на познати хитови“. Албумот се работеше во студиото на Рајт, автор на хитовите од претходниот англиски албум на Тоше „The Hardest Thing“.
Се подготвуваат и три спота. Едниот е снимен во Македонската филхармонија, вториот во студио, а третиот во Крушево.
На 16 октомври, се навршија 11 години откако поп-ѕвездата трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во Хрватска.
Утре балкански и македонски ѕвезди ќе пеат на концертот во чест на поп-ѕвездата, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Каролина Гочева и сестрите Тамара Тодевска и Тијана Дапчевиќ се меѓу македонските изведувачи кои ќе настапат на концертот.
Учеството на шоуто кое ќе започне во 20 часот го потврдиле регионалните ѕвезди Јелена Томашевиќ, Бојан Маровиќ, Сергеј Четковиќ, Борис Новковиќ, Владо Калембер, Ања Рупел и женскиот бенд „Фрајле“.
По избор на Фондацијата „Тоше Проески“, избрана е и насловна фотографија од мегаѕвездата за албумот, која е една од најдрагите на семејството и на соработниците на Тоше.
Влезниците може да се купат во „Југотон“, по цена од 250 и 350 денари, а средствата од продажбата ќе бидат донирани за Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. (Л.С.)