Продолжува судењето на Заев за „Поткуп“

Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи ново рочиште за предметот „Поткуп“, во кој е обвинет премиерот Зоран Заев.

Заев во „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од околу 160.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.

Предвидено е исказ денеска да даде Николов Сачевалиев кој не присуствуваше на претходното рочиште на 6 март бидејќи не бил уредно поканет. Треба да бидат прегледани и доказите и ЦД-та.

Заев на претходното рочиште на 6 март рече дека не се чувствува виновен и оти е убеден дека во судската постапката ќе се разобличи обвинението против него конструирано во периодот кога беше лидер на опозицијата. Заев рече и дека преку снимката која не била целосно прикажана во јавноста, ќе се докаже дека тој апсолутно немал намера да прими поткуп. Го замоли судот да овозможи пристап на јавноста во сите докази кои ќе бидат приложени на рочишата. Побара и што е можно побрзо да се закажуваат судските рочишта.

Обинителот, пак, го изнесе обвинението и рече дека ќе ја докаже вината на Заев. Судијата Дарко Тодоровски одлучи снимките прикажани на Јутуб да бидат прифатени како доказ.