Продолжува препукувањето за хидроцентралите

СДСМ обвини вчера дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во конзорциумот „Минка – Енерготек“, која добила право за користење на вода и закуп на земјиште за изградба на хидроцентрали во времето на Никола Груевски, нема удел од седум отсто, како што тврди, туку од 99 отсто.

– Во 2015 година, кога Мицкоски бил советник кај неговиот ментор Груевски, конзорциумот во кој удел има Мицкоски, токму од владата на Груевски добива државно земјиште од речиси 33 илјади квадратни метри за изградба на хидроцентрала. Но, очигледно, ниту антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ не знае каде сè и колку точно удел има Мицкоски во компании и конзорциуми кои добиле тендер од владата на Никола Груевски.

Антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ првично тврдеше дека Мицкоски има удел од 7 отсто во компанијата „Енерготек“ ДОО Скопје. Пред неколку дена, истото тоа антизападно раководство, тврдеше дека Хидро Мицкоски имал удел од 7 отсто во сосема друга фирма – „Енергомонт“. Вчера, раководството на ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека Хидро Мицкоски имал удел од 7 отсто во фирмата „Минка – Енерготек“. Денеска пред јавноста го презентираме вистинскиот процент на удел на антизападниот Мицкоски.

Конзорциумот „Минка – Енерготек“ е составен од компанијата „Енерготек“ ДОО Скопје во која удел има Мицкоски и компанијата „Минка ДА“ ДОО Струмица. Во првичната сопственичка структура на конзорциумот, 60 отсто од уделите ѝ припаѓале на „Минка ДА“ ДОО Струмица, а 40 отсто на компанијата „Енерготек“ ДОО Скопје во која удел има Мицкоски. Но, во втората половина на 2017 година во конзорциумот „Минка-Енерготек“ била направена промена на сопственичката структура, со пренос на уделите. Со таквиот пренос, „Енерготек“ ДОО Скопје на Мицкоски во конзорциумот „Минка – Енерготек“ има удел од 99 отсто, додека „Минка ДА“ ДОО Струмица има удел од само 1 (еден) отсто – велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија веднаш на обвинувањата од СДСМ. „Фирмата „Минка-Енерготек“, каде што претседателот Христијан Мицкоски е косопственик со само 7 отсто од уделот, конкурирала на тендер во 2014 година кога Мицкоски не бил советник во Владата“, одговараат од оваа партија и бараат извинување од СДСМ. Според нив, премиерот Зоран Заев исти услови за хидроцентрала овозможил за вицепремиерот Кочо Анѓушев.