Пријавете дива депонија, градските власти ќе дојдат да ја исчистат

Градските власти од денеска па во наредниот период ќе чистат диви депонии по пријава на граѓани. Секој оној што ќе забележи исфрлани купишта ѓубре на тротоар, зелена површина и слично, може да побара интервенција од Град Скопје.

Дивите депонии можат да се пријавуваат на бројот 070 270 557 на кој преку апликацијата „вибер“ треба да се испрати фотографија и локација на депонијата, а интервенција може да се побара и преку испраќање порака на официјалната „Фејсбук“ страница на Град Скопје.

Ги повикуваме и нашите сограѓани да придонесат во акцијата и да ни помогнат да ги лоцираме дивите депонии во градот. Сакам да ја искористам оваа пригода и да ги повикам и сите општествено одговорни компании и институции да ни се приклучат и да ни помогнат со својата механизација за почисто Скопје, бидејќи Скопје е заеднички дом и треба заедно да го чуваме“, изјави портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху. Тој појасни денеска пријавите можат да се доставуваат од денеска па во наредниот период. Се очекува службите да реагираат на терен во наредните 24 часа.

Инаку, оваа акција е дел од планираното чистење на Скопје. За десетина дена треба да стартува пролетното чистење на јавните површини. Меѓудругото, во генералката е планирано и миење на градските улици.

Акцијата ќе ја реализираат екипи на „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ со своите работници и расположливата механизација.

Град Скопје и во текот на изминатата есен организираше акција за чистење на јавните површини. Во таа акција беа собрани и отстранети над 3.0000 кубни метри смет.

„Со мотив и идеја градот да биде почист, наша цел е ваквите акции да станат редовна пракса, одржувајќи ги улиците постојано чисти во град без диви и нови депонии“, нагласи Салиху. (Д.Т.Д.)