Прилепскиот тутунски комбинат ќе се преструктуира

Прилепскиот тутунски комбинат ги изготви клучните документи за функционирањето на компанијата чиј доминантен сопственик е државата и се испратени до Владата која треба да го даде конечниот збор, информира раководството на Комбинатот.

Како што објаснува генералниот директор Кире Станкоски фокусот е на преструктуирањето на фирмата и зголемувањето на продуктивноста и во откупот на тутунот и во производството на цигарите, што значи максимална соработка со стратегискиот партнер „Филип Морис“.

– Изготвени се клучните документи кои се пратени до Владата. Изготвен е годишниот план за 2018 година и пратен во Владата, како и акцискиот план за намалување на задолженоста. Воедно е дадена и предлог-мерка за преструктуирање. Очекуваме во најскоро време Владата да ги разгледа клучните документи. Нашата предлог-стратегија е максимална соработка со нашиот стратегиски партенер „Филип Морис“. Договорот кој е на 10 години, а ние сме на половината, сметаме да го продлабочиме, и во делот на откупот на тутунот и во делот на производството на цигари. Имаме инвестиција која треба да заврши до крајот на јануари, вели Станкоски.

За првиот човек на Комбинатот, Кире Станкоски, еден од најбитните факти за продлабочувањето на соработката со „Филип Морис“ е што компанијата ги затвори долговите кон државата, а редовно ги сервисира кон банките.

– При крај се ревизрските извештаи за работењето на комбинатот за минатата година. Битно е што во 2018 година, преку нашата соработка со „Филип Морис“ влегуваме со голем оптимизам. На 30 декември 2017 година успеавме долгот кон УЈП од 75 милиони денари на име персонален данок и ДДВ да го подмириме и може да кажеме дека прилепскиот тутунски комибинат нема ниту еден денар долг кон државата. Имаме долгови кон комерцијалните банки кои ги сервисираме навреме. Исклучувајќи го кредитот за откупот на тутунот за оваа година, ги сервисираме ратите за банкарските кредити од минатите години. Оваа година оптимизмот е прилепскиот тутунски комбинат да има позитивно салдо. Трансформацијата на комбинатот ќе се одвива со сопствени средства. Наше е компанијата да ја доведиме до максимална продуктивност, објаснува Станкоски.

Што се однесува до анализите за енормното трошење на претходното раководство тие се предадени на надлежните институции.

-Тие анализи ги предадовме на органите за прогон и очекуваме за брзо време да излезат со јасни показатели. Во моментов, имаме поднесено две пријави и ги очекуваме резултатите од внатрешната ревизија во комбинатот, вели Станкоски не сакајќи да открие повеќе детали.

Според менаџменот на прилепскиот тутунски комбинат, годинава приоритет е модернизацијата на производството на цигари и завршување на откупот на тутунот. Во моментов се откупени 90 насто од договорените количества со кооперантите и се очекува кампањата да заврши до крајот на месецов.