Приватните гинеколози на средба во ФЗОМ

Менаџментот на Фондот за здравствено осигурување попладнево ќе одржи средба со претставници на Здружението на приватни гинеколози.

Од Здружението бараат зголемување на капитацискиот бод од 55 на 60 денари, бодот да биде според возраста на пациентката и да се дефинира пакетот на услуги кои ги покрива државата.

– Сите одлуки кои ќе бидат заеднички донесени ќе бидат навремено соопштени. Матичните гинеколози се најскапо платените специјалисти во Република Македонија, со просечна месечна исплата од 169.000 денари по тим. Колку за споредба, тоа е повеќе од 55.500 денари отколку што Фондот исплаќа на општ матичен лекар, соопшти ФЗОМ пред неколку дена во врска со барањата на Здружението на приватни гинеколози.

Од ФЗОМ наведуваат дека матичните гинеколози се важна алка во здравствениот систем, бидејќи се грижат за репродуктивното здравје на жените, а воедно се во помал број од предвидениот во државата.