Прва седница на Мешовитиот комитет на Македонија и Србија

Во Белград денеска ќе се одржи првата седница на Мешовитиот комитет на Македонија и Србија чија цел е надминување на бариерите и сите отворени прашања за полесен проток на стоки и унапредување на размената.

Комитетот се формира по иницијативата што произлезе од средбата на министрите Љупчо Николовски и Расим Љајиќ во Скопје, на 7 март, кога беше постигнат договор за увозот на српското брашно во земјава.

Македонската делегација во Комитетот ќе ја претставуваат седум членови, претставници од Министерството за земјоделство, Царинската управа, Државниот инспекторат за земјодлство, Агенцијата за храна и ветеринарство, како и стопанственици.

– Од работата на Комитетот очекуваме да бидат укинати поголемиот дел нецарински бариери со што нашите извозници би биле во многу поповолна позиција и поконкурентни на српскиот пазар, вели Трајан Дикмовски од МЗШВ, кој го предводи македонскиот тим во Комитетот.

На денешниот состанок најпрво ќе се разгледаат заклучоците од средбата Николовски – Љајиќ во Скопје кои се всушност и сонова за работата на Комитетот, а потоа ќе се пристапи кон разгледување на поединечните иницијативи што ќе ги изнесат делегациите.

Ќе се разговара за заемно признавање на фито-сертификатите, како и за целосно укинување на маркичките за брашното што ќе биде можно и прифатливо само ако таквиот предлог е на барање на стопанските комори од двете земји.

Србија ќе бара да се разгледаат „мерките и процедурите кои доведуваат до проблеми при извозот на компир во Македонија“, како и „долгото задржување на пратките на граничниот премин до завршувањето на лабораториските анализи“.

На состанокот на Комиетот треба да стане збор и за ГМО анализите што ги прави Србија на македонскиот ориз, односно ќе се бара нивно укинување.

Првиот состанок на Мешовитиот комитет согласно првичните најави, требаше да се одржи вчера, но беше одложен од српска страна.