Пратениците признаа грешка, пазарџиите бараат прво во ЕУ, па нов закон

Протестот на пазарџиите резултираше со две барања за следната собраниска седница – владејачкото мнозинство бара Законот за трговија на зелени пазари да се одложи за една година, а опозицијата тој да престане да важи. И пазарџиите бараат негово укинување. Освен ова, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ бараат да се одржи јавна расправа на која ќе се чујат ставовите на сите засегнати страни – пазарџиите, Комората на трговци, организаторите на пазарите и ресорното Министерство за економија.

Горан Милевски, претседател на комисијата за економски прашања во Собранието, вели дека доколку инсистираат опозицијата или ДУИ сега да се одржи јавна расправа, нема да прави проблем, но смета дека тоа не е продуктивно.

„Јавна дебата треба да има откако ќе имаме нов предлог-закон, па да има за што да дебатираме. Не сме ние место за дебатирање во овој момент. Нека направи Министерството за економија ново решение, или нека понудат група пратеници, па да имаме јавна расправа за предлогот, да ги видиме реакциите. Така ќе има прифатливи решенија, да не нè стават повторно во ситуација да повлекуваме нешто што сме го донесле, за што очигледно не сме биле свесни што носиме и какви последици ќе има“, објаснува Милевски уште еднаш нагласувајќи дека ако има барање ќе свика расправа и сега.

Двата предлози што да се направи со важечкиот Закон за трговија на зелени пазари ќе бидат ставени на дневен ред на следната собраниска седница. За една година или порано ќе се изготви ново решение. Но за пазарџиите не е прифатлив нов закон сè до влезот во ЕУ.

Маја Стојановска, како претставник на закупците на тезги, вели дека се чувствуваат изманипулирани.

„Ние бараме укинување на постоечкиот закон во целост и изготвување на нов, кој ќе стапи во сила со влегување на Македонија во ЕУ. Овој е штетен закон за нас, пазарџиите. Со него се отфрлат пензионерите, а немаат право да работат ни стечајци. А никој од нас не остварува голем приход, сите сме сиромашни. Има денови кога приход на три тезги е 1.000 денари или помалку, а чиста заработка ни е два денари на производ“, вели Стојановска.

Таа вели дека пазарџиите се паушално оданочени со 9.000 денари од секоја тезга годишно, плаќаат на организаторот на пазарот, „Скопски пазар“, по 5.550 на месечно ниво, во кои се вклучени и 800 денари ДДВ, за една тезга.

„На Комората на трговци секој од тезгаџиите и досега им плаќаше членарина по 100-150 денари, на рака, на тефтерче. Но не беше задолжително. Во разговор со тезгаџиите и од другите пазари, ми кажаа дека знаеле да поминат и да собираат пари и за други намени, на пример, за солидарен фонд. Револтот е што и за таа сума не добивме ништо, не бевме повикани ни на еден состанок“, објаснува Стојановска додавајќи дека досега не морале да уплатуваат за пензиско и здравствено осигурување, но тие што сакале можеле да си уплатуваат самостојно за стаж. Вели дека не веруваат на ниту една комора, затоа што која било комора да дојде истото ги чека, затоа што ги интересираат само парите што ќе им ги собираат.

„Ако мора да се изготви нов закон, да биде во координација со тезгаџиите, властите, ‘Скопски пазар’ но да стартува откако ќе се направат услови, со влегување на Македонија во ЕУ. Дури тогаш ќе почне да важи правото. А ние и сега не сме дел од сивата економија бидејќи плаќаме давачки кон државата“, смета Стојаносвска.

Според актуелното решение, пазарџиите требаше да плаќаат за лиценца (легитимација) по 60 евра за една тезга и 40 за втора и трета. Се оперира со бројка од околу 25.000 закупци на тезги. Законот беше донесен во јануари 2018 година по скратена постапка.

ВМРО-ДПМНЕ: Да се слушне барањето на пазарџиите

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата вчера најави дека ќе поднесе закон за престанок на важење на Законот за трговија на зелените пазари.

„Со тоа сакаме да овозможиме оваа проблематика да се разгледа одново, да се слушне мислењето на пазарџиите, на експертската јавност, на пратениците од опозицијата и заедно да направиме едно квалитетно решение во интерес на пазарџиите. За таа цел, ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија ќе бара да се одржи и јавна расправа во рамките на Комисијата за економски прашања на која би се изнеле разни ставови и решенија. Сакаме да најавиме дека во најбрз временски период претставници и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе остварат средба со сите засегнати страни со цел изнаоѓање најдобро можно решение“, е став на ВМРО-ДПМНЕ.

Анита Салтировска