По таксата за Србија, извозот од Македонија во Косово порасна за 41 отсто

Во кавгата меѓу Косово и Србија ќар извлече Македонија. Уште кога се воведуваше мерката за драстично зголемување на давачите за влез на српски стоки на Косово, Економската комора на Косово укажа дека ќе треба да се најде алтернатива за увозот од Србија и БиХ, а тоа би можело да биде Албанија, Македонија или некоја друга земја со која Приштина соработува. Податоците за размената меѓу Македонија и Косово за декември лани покажуваат дека добар дел од алтернативниот увоз е покриен од Македонија.

Последниот месец од минатата година извозот во Косово е зголемен за 41 отсто. Податоците на Царинската управа покажуваат дека вкупната вредност на извозот во декември изнесува 1,1 милијарда денари, а истиот месец 2017 година бил 802 милиони денари.

Во Косово од Македонија најмногу биле извезувани нафтени деривати, во износ од 215 милиони денари. На второ место е храната, односно кроасани и други печива, чиј извоз достигнал 107 милиони денари. Фармацевтските производи се на трето место, со извоз од 70 милиони денари.

Од Македонија во Косово влегле млеко и млечни производи за 30 милиони денари, а газирани пијалаци за 44 милиони денари. Има скок кај извозот на масло за готвење, кој достигна 32 милиони денари во декември. За 52 милиони денари извезено е железо, а извезените лимови имале вредност од 41 милион денари.

Со одлука на косовската влада, од 21 ноември лани, на увозот на стоки од Србија е воведена такса од 100 проценти. Косовската страна образложи дека одлуката за зголемување на таксите се очекува да влијае на зголемување на локалната продукција, зголемување на вработеноста и да се подобри квалитетот на животот на граѓаните на Косово.

Анита Салтировска