По осум години: Милчо Манчевски ќе снима во Македонија


Режисерот Милчо Манчевски ќе го снима првиот македонски  филм после осум години, по „Мајки“ во 2010. Најнаградуваниот македонски автор е поддржан со 1, 2 милиони евра од Агенцијата за филм на Македонија за неговиот шести филм „Врба“, во продукција на „Сектор филм“ и продуцентот Владимир Анастасов-Вац.

Последниот филм на Манчевски „Бикини Мун“ е американско-германска копродукција и пред три месеци имаше светска премиера на фестивалот во Сао Пауло, а наскоро ќе има и кино-дистрибуција низ светот. Пред „Бикини Мун“, изминативе години Манчевски во Њујорк го сними краткиот „Четврток“, а во Куба експерименталниот краток „Крајот на времето“, прикажан на ИФФК.Браќа Манаки.

Агенцијата за филм ги објави резултатите од последниот конкурс објавен на 22 ноември, според кој се одобрени: 3 долгометражни играни филмови, 5 долгометражни копродукциски проекти со македонски малцински удел, 2 документарни долгометражни филмови, 5 краткометражни играни филмови, и по 1 краткометражен документарен и анимиран филм.

Покрај Манчевски, долгометражни играни филмови со македонски мнозински удел ќе снимаат и Вардан Тозија, филмот со наслов „М“ во продукција на „Фокус покус“и дебитантката Дина Дума со „Сестра“ во продукција на „Круг филм“ на Марија Димитрова и Дејан Крајчевски.

Режисерите Игор Иванов, Агим Абдула и Георги М. Унковски ќе снимат кратки играни филмови со македонски мнозински удел: „Љубовникот“ , „Совест“ и „Налепница“ .

Од Агенцијата додаваат дека на конкурсот пристигнале вкупно 73 филмски проекти, меѓу кои 48 долгометражни и 25 краткометражни филмови. Дванаесет проекти по различни основи не ги исполниле условите за да влезат во процесот на евалуација.