Појасно здравје!

Слободанка Јовановска

Партијата што не си ги контролира ни парите што ги злоупотреби изминатата деценија, па мора да моли за државно финансирање, со голема доза на политичка ароганција го опструира она што е најголемо право на граѓаните – да се изјаснат на референдум за договорот со Грција. Она што се случува деновиве на повеќе нивоа околу утврдувањето на референдумското прашање и структурата што ќе го спроведе, е жално потсетување како една од двете најголеми политички партии во земјата воопшто не сфаќа што е плурализам, што е парламентарна демократија и зошто таа воопшто постои на политичката сцена во Македонија.

По десет години авторитарно владеење, каде што се гонеа тие што мислеа различно, ВМРО-ДПМНЕ објавува дека референдумот е неприфатлив бидејќи нема консензус со неа околу референдумското прашање. По десет години божемно преговарање на спорот за името, ВМРО-ДПМНЕ сега тврди дека ако им се даде ним повторно шанса тие ќе постигнат подобар договор за името, што значи да им се даде уште една деценија од нашите животи да ја потрошат во барање невозможна опција – и името да остане, и Македонија да влезе во НАТО и во Европската Унија. Сега, откако е објавено референдумското прашање, кое е јасно и појасно здравје, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека е манипулативно и повеќесмислено и според нив не води до јасен одговор. Во смисла дека некој може да е за НАТО и за ЕУ, ама не и за договорот со Грција, некој да е само за ЕУ, но не и за НАТО, и слични небулози на кои работи цел тим исполитизирани експерти од оваа партија, само за да се има објаснување за опструкцијата. Што е, сепак, доследно на тоа како ВМРО-ДПМНЕ десет години нè водеше кон ЕУ, НАТО и кон договор со Грција – наводно многу ги сакаше, а ништо не правеше тие да се остварат, па и спротивното, правеше сè Македонија да остане блокирана.

Вчерашните случувања во парламентот покажаа дека опозицијата останува доследна на оваа политика чија единствена логика е да биде против сè што предлага ривалската владејачка партија, макар тоа било спротивно на интересите на граѓаните и на земјата. Уште повеќе, ако овој театар деновиве не е политичко фолирање, дека ВМРО-ДПМНЕ е против сè што ја води напред Македонија, или попросто против влегувањето во ЕУ и во НАТО, бидејќи договорот со Грција без таа перспектива нема никакво значење и не мора ни да се потврди. Иако на прв поглед изгледа дека политиката на ВМРО-ДПМНЕ е да опструира само за да се опструира и да е против власта, по толку години континуитет околу овие прашања, станува јасно дека НАТО и ЕУ ѝ служат само да дојде до власта или да спречи некого во тоа, а во практика е силна евроскептична, то ест е партија против НАТО и против ЕУ. Бидејќи, во спротивно, ќе правеше разлика кога е време за водење вистинска политика, а кога за политиканство или за политичка пропаганда.

Она што е видливо за сите во Македонија е дека власта прави сè да го протне низ иглени уши референдумот за договорот со Грција. Дека само со него Македонија конечно ќе влезе во НАТО и само со него има шанса некогаш да влезе и во ЕУ, бидејќи ова е последна можност да ги почне преговорите за членство. Последното гласање за нашиот датум во Брисел од страна на министрите за надворешни работи на ЕУ покажа дека е погрешна илузијата кај нас дека нашата евроинтеграција може да се одлага и натаму и дека вратата на овие две организации ќе остане вечно отворена. Напротив, таа е речиси затворена и во моментов Македонија благодарејќи само на договорот за името треба да се провлече низ малиот простор на добра волја што остана во Брисел, било за НАТО, било за ЕУ.

Затоа, да се прави драма од тоа дали во прашањето ќе пишувало договор, а сме склучиле спогодба со Грција, е барање со сила причина да се оспори референдумот место да се каже дека проблем е целата идеја Македонија да влезе во НАТО, да почне преговори со ЕУ и заради тоа да го реши спорот со Грција. Ако нешто има основа за спорење околу референдумот, е евентуално неговиот консултативен карактер, бидејќи отвора можност за различно толкување и спроведување на исходот, иако право на една власт (затоа е всушност избрана) е да донесе одлука што е во интерес на државата, дури и тогаш кога добар дел од граѓаните мислат дека таа не им е во прилог. Тоа го вклучува и правото, па и обврската на СДСМ да бара поддршка од јавноста за одлука за која опозицијата смета дека треба да биде одбиена, односно да бара поддршка од јавноста за одлука за која нема консензус со опозицијата. Ако ВМРО-ДПМНЕ работи во интерес на Македонија, треба да биде дел од процесот место да го кочи, макар тоа значело да биде против на референдумот. Односно, место да прави шпански серии во парламентот, јасно да каже за што е, бидејќи Македонија изгуби веќе две децении во политички игри кои не водат никаде.