Почнува судењето за уривањето на „Космос“

Во Кривичниот суд денеска треба да почне судењето за предметот „ТНТ“ на СЈО, кој се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина Фијат Цаноски.

Во овој предмет обвинети се седум лица меѓу кои, поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски.

Со новиот годишен распоред предметот „ТНТ“ е распределен кај судијата Огнен Ставрев.

Советот за оценка на обвинителен акт при Кривичен суд на 17 ноември минатата година го прифати обвинението за случајот „ТНТ“.

Апелацискиот суд на 4 ноември минатата година одлучи прислушуваните разговори во случајот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ да можат да се користат како докази во судската постапка.

Обвинителите од СЈО на јавна седница изјавија дека Груевски и Јанакиевски не се жртви на прислушкување, туку тие биле дел од власта што незаконски прислушкувала. Според обвинителите снимките имаат доказна вредност и со нив не се повредува приватноста на обвинетите.

Адвокатите на обвинетите сметаат дека прислушкуваните разговори се незаконски стекнати и со нив се нарушува приватноста на обвинетите.