Почнува примената на одлуката на Арбитражниот суд за границата меѓу Словенија и Хрватска
Љубљана/Загреб – Денеска истекува рокот за примена на арбитражната одлука за границата на море и копно помеѓу Словенија и Хрватска.
Љубљана најави дека ќе почне примената на таа одлука, а Загреб се спротивставува на тоа и повикува на воздржување од каква било примена на еднострани мерки кои, како што предупредија, може да доведат до инциденти.
Според хрватските медиуми, истарските рибари рано утрово испловија да ги соберат своите мрежи во Пиранскиот залив. Инциденти нема, но се чувствува напнатост.
„Вечерњи лист“ пишува дека во односите помеѓу Хрватска и Словенија почнува период кој ќе покаже колку властите на двете земји се зрели и одговорни и го поставува прашањето „што ако има инциденти“.
Хрватската полиција, како што пишува весникот, е должна да ја чува својата државна граница и тоа ќе го направи.
Денеска се точно шест месеци откако арбитражниот суд донесе одлука во врска со границата, која до денеска требаше да почне да се применува. Меѓутоа, тоа не се случи.
Хрватска не ја признава арбитражната одлука, а аргументацијата за тоа е дека Загреб, со едногласна одлука на Саборот, излезе од арбитражата откако излегоа на површина неправилности во постапката од словенечка страна.