Почнува Белградскиот безбедносен форум – најпрестижен во овој дел од Европа


Србија-Белградскиот безбедносен форум, осми по ред, најпрестижен форум во овој дел од Европа, ќе почне денеска во Белград, каде ќе зборуваат претседатели, премиери и државни функционери.

Ќе се дискутира на вкупно 20 панели и сесии, со 111 говорници и повеќе од 700 учесници од Србија, регионот и други делови од Европа и светот.

На тридневниот форум ќе зборуваат претседателот на Србија Александар Вучиќ, австрискиот претседател Александар ван дер Белен, премиерите на Србија и Македонија Ана Брнабиќ и Зоран Заев, заменици министри за надворешни работи на Италија и Чешка Емануел Дел Ре и Давид Конешки, заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Метју Палмер и важни претставници на регионалната и меѓународната политичка и дипломатска сцена.

Форумот традиционално ќе биде отворен со академски настан што ќе ги обедини младите и потенцијалните истражувачи кои ќе водат дијалог за тоа „Колку одговорите на ЕУ за кризи во средината се прилагодени на специфичностите на конфликтите”.

Темите на дискусијата на првиот ден ќе бидат иднината на Западен Балкан, придонесот за реформите на ЕУ во БиХ и турбуленциите на Блискиот Исток.
На вториот ден од форумот, претседателот на Србија ќе учествува заедно со австрискиот претседател Александар ван дер Белен на панелот „Западен Балкан и Европската унија”.

Павол Демеш од германскиот Маршалов фонд на САД ќе понуди одговори на прашањата за тоа како Србија придонесува за Европа, кои се вредностите што Австрија ќе ги промовира за време на своето претседателствување со ЕУ, дали политиката на проширување ќе остане еден од клучните принципи на ЕУ и каква е визијата за иднината на регионот.

Ќе се  разговара и за односот на Западот и Русија, растечкото влијание на Азија, улогата на жените во политиката и влијанието на корупцијата на високо ниво врз меѓународната безбедност. Исто така, ќе се дискутира и за новата фаза на дијалогот помеѓу Белград и Приштина, за влијанието на Германија и САД во регионот, и постои голем интерес на публиката за разговорите за сценаријата за иднината на Балканот.

На третиот ден од Форумот, заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Метју Палмер, ќе одржи говор за прашањето за зајакнување на Балканот.

Теми ќе бидат и четвртата индустриска револуција, одбраната против пропаганда и дезинформации, кибер-безбедноста, како и изгледите за правда и помирување во регионот.

Премиерите на Србија и Македонија, Ана Брнабиќ и Зоран Заев ќе зборуваат на завршниот панел насловен „Кон подобро поврзан регион”, а дијалогот ќе го модерира колумнистката на  Гардијан, Натали Нугирар.

Првиот Белградски безбедносен форум се одржа во 2011 година, а денес се смета за најпрестижниот собир од ваков вид од Истанбул до Виена, со повеќе од 100 говорници и 700 учесници.