Почна расправата за ребалансот на Буџетот

Во Собранието на Република Македонија денеска почна расправата по ребалансот на Буџетот за 2018 година. Предложениот ребалансе на дневен ред пред матичната Комисија за финансирање и буџет. Ребалансот пред членовите на Комисијата го образложува министерот за финансии Драган Тевдовски.

Според предлогот на Владата, со ребалансот има намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто. Се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,8 отсто.

Целта на Предлог-ребалансот на Буџетот за годинава е да се направат корекции на расходната страна со цел обезбедување финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување (АВРМ).

Ревидирањето на планираните проекции на приходите е пред се резултат на намалувањето на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од 812 милиони денари заради реализацијата во првите девет месеци од годинава.

Расходната страна на Буџетот е корегирана надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто.

Има намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, главно кај проекти финансирани со кредити. Капиталните расходи се намалуваат за 5,666 милијарди денари, од кои 1,672 милијарди денари на буџетската сметка и 3,994 милијарди денари на кредитната сметка. Каматните расходи се намалуваат за 897 милиони денари, пред сѐ заради успешното менаџирање со јавниот долг и обезбедувањето на пониски каматни стапки за сервисирање на долгот.

Најголемо кратење има кај проектите каде има забавена динамика, односно за гасификација и за откажаната изградба на клиничкиот центар.

Со ребалансот се врши реалокација на средства помеѓу буџетските корисници при што се обезбедуваат дополнителни 198 милиони денари за политички партии и истражувачки центри согласно промената на закон, како и средства за функционирање на ОТА до крајот на годината.

За Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и за Агенцијата за вработување се обезбедени дополнителчни 1,8 милијарди денари. Средствата ќе се користат освен за пнепречено реализирање на обврските на овие институции и за етапно намалување на долговите на здравствениот систем.

Најголема алокација во ребалансот има за општините во висина од 3,020 милијарди денари со цел намалување на доспеаните, а неплатени обврски на општините и единките корисници основани од единиците на локалната самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита.

Расправата во Комисијата според Деловникот трае 10 работни денови.