Поради расистичка реклама: „Долче и Габана“ непожелни во Кина


Кина– Неколку кинески онлајн продавници ги повлекоа од својата понуда производите на „Долче и Габана“ бидејќи во Кина расте незадоволството од контроверзната маркетинг-кампања на модната компанија.

Оваа недела, италијанската компанија објави видеоспотови кои прикажуваат Кинезинка која се мачи обидувајќи се со стапчиња да јаде тестенини и пици, што многумина го осудија како тривијализација на кинеската култура и промовирање лоши стереотипи.

Поради оваа контроверзност, „Долче и Габана“ ризикува да падне продажбата на еден од најголемите светски пазари на луксузни производи, бидејќи кинеските филмски и музички ѕвезди повикуваат на бојкот.

Кризата на брендот се продлабочи по пораката на коосновачот Стефан Габана, која содржи навредливи коментари за кинескиот народ.

Компанијата се извини и објави дека нејзиниот Инстаграм и оној на Габана биле хакирани. „Ние имаме само почит кон Кина и луѓето од Кина”, се вели во пораката на компанијата.

Италијанската компанија ја откажа својата модна ревија во Шангај на почетокот од оваа недела. Сепак, незадоволството продолжува да расте со оглед на тоа дека трговците ги повлекле производите на тој бренд од својата понуда.